Биљал Касами, еден од лидерите на ВЛЕН, коалицијата на партии на Албанците која е дел од владата, не ја исклучува можноста ВЛЕН да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор. Касами ова го кажа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Неофицијално, се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на ВЛЕН, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ

360°: Кому ќе му припаднат министерските места кои сега ги има структурата на Арбен Таравари?
Биљал Касами: Ние со премиерот, односно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преговаравме како ВЛЕН и договорот е меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ за составување на владата. На последните средби со премиерот уште еднаш е потврдено дека остануваме на истите заложби. Значи, договорот останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и остануваат сигурни позициите на ВЛЕН.
360°: Значи, и Министерството за здравство и позицијата на министер без ресор?
Биљал Касами: Видете, како позиции остануваат, но сега прашање е на комбинации во владата зашто меѓу позициите кои ги имаше ВЛЕН се отвори Пандорината кутија, зашто позицијата министер за здравство беше директно наменета за Таравари. Кога баравме во владата да имаме министер за здравство, се знаеше дека Таравари сака да биде министер и преговаравме за да ја имаме таа позиција. Така што, сега, со новата реалност, може да има некакви рокади…
360°: Најавувате реконструкција на владата?
Биљал Касами: Можно е. Не во пошироки размери, но во некои комбинаторики сигурно ќе има.
360°: Значи, позицијата министер за здравство да оди кај ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат ВЛЕН да добие друг ресор?
Биљал Касами: Согласно тоа какви ќе бидат комбинациите во делот на поддршка на владата, сигурно дека се можни такви комбинаторики.
360°: А БЕСА дали ќе ги задржи двата ресора кои сега ги има?
Биљал Касами: Да, да. За другите членови на владата од редовите на ВЛЕН не е разговарано за дополнителни комбинаторики или рокади, но ќе гледаме какви ќе бидат комбинаториките, сè е можно…
360°: Ако здравство го изгубите, кој ресор би го добиле?
Биљал Касами: Не би зборувал дали ќе го изгубиме или добиеме, да не се разбере погрешно во јавноста, тоа што е договорено со премиерот и ние ги држиме истите позиции кои ги имавме.
360°: На број или како ресори?
Биљал Касами: И на број и како ресори, но тоа значи дека ако имаме некаква комбинација, дали со пратеници од сегашната Алијанса за Албанците или, пак, со Алијанса на Зијадин Села, или некои други комбинации, тој што ќе биде лидер на таа група или барањата кои ќе ги има таа група или политичка структура, ќе треба да разговараме за позиции… Значи, во моментот, ако остануваме на овие позиции кои ги имаме, тогаш ќе останат истите министерски места.