Има над 350 вработени со договори на дело на определено време за кои не знаеме какви работи вршеле за потребите на Општината, вели новиот градоначалник на Тетово

Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, најави дека како нова локална власт ќе ги чешлаат договорите на дело според кои Општината исплаќала хонорари на луѓе меѓу кои има и такви кои не оделе на работа. Тој рече дека во Општината има повеќе хонорарци отколку вработени. За над 350 вработени со договор на дело, како што рече, не се знае какви работи извршувале.
„Мое решение е сите договори да се прекинат и службите прават анализи дали тие договори се реализирани и дали плаќањата по тие договори се согласно закон. За сè што е платено спротивно на законот ќе побарам тие средства да се вратат во буџетот на општината. Сите договори се до 31.12. Во моментот додека не се прекинати тие договори тие што одат на работа, одат. Тие што не одат за нив веќе има посебен извештај од администрацијата. Има над 350 договори на дело на определено време за кои не знаеме што работи вршеле за потребите на општината. Испаѓа дека повеќе се исплаќало за договор на дело затоа што редовно вработени се 340 лица, а над 350 има со договор на дело“,
изјави Биљал Касами, пренесе дописникот на МИА.
Тој за ова зборуваше на прес-конференција на која го претстави планот за работа во првите 100 дена од мандатот, кој се состои од триесетина точки. Меѓу темите за кои зборуваше е и тоа дека се испитува можноста дали градскиот паркинг може да биде бесплатен.
„Во моментот на јавни паркинг места по булевари и улици е бесплатно, претпријатието прави анализи што понатаму. По анализата, ќе има преструктурирање и ќе се испита плаќањето на паркинг“,
рече Касами.
Тој рече дека продолжува анализирање и на инфраструктурните проекти.
„Комисијата што излезе на терен да ги преиспита инфраструктурните проекти што се во тек овие денови треба да има конечен извештај и според тоа ќе излеземе со посебна прес-конференција каде што ќе ги објавиме резултатите од таа анализа“,
рече Касами.
Градоначалникот најави дека по утврдување на долгот на општината, на комуналните претпријатија училишта и на градинки, податоците ќе ги објави на веб-страницата на Општината и на јавни места.
Во однос на новогодишното украсување на Тетово, градоначалникот кажа дека нема пари за тоа и за организирање новогодишна прослава.