Мора да се земе предвид контекстот, местото и медиумот на кој е дадена изјавата – вели тетовскиот градоначалник Билал Касами, кој неодамна изјави дека очекува заемна поддршка на ВЛЕН и ДУИ во општините каде што во вториот круг од локалните избори ќе има кандидат за градоначалник од еден од таборите на Албанците, како во Кичево
Градоначалникот на Тетово од редовите на ВЛЕН, Билал Касами, кој е претендент за втор мандат, вели дека е извадена од контекст изјавата која неодамна ја даде за медиум на албански јазик, а со која рече дека очекува заемна поддршка на ВЛЕН и ДУИ во општините каде што во вториот круг од локалните избори ќе има кандидат за градоначалник од еден од таборите на Албанците, како што е случајот со Општина Кичево.

Вчера, во гостување за ТВ Алсат, Касами рече дека таквата изјава е политички погрешно протолкувана, додавајќи дека мора да се земе предвид контекстот, местото и медиумот на кој е дадена. Реакцијата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неговата првична изјава рече дека не ја гледа како опомена.
„Не сметам дека имало каква било опомена. Мора да го земеме предвид контекстот, местото и медиумот во кој е дадена изјавата. Изјавата беше политички погрешно протолкувана, бидејќи нашите противници се обидоа да ја отворат етничката карта на овие избори“,
изјави Касами во гостувањето на ТВ Алсат.
Вели дека неговите ставови во врска со ова прашање се во линија на ставовите на коалицијата ВЛЕН.
Коментирајќи го кандидатот за градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, кој е предложен од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Касами рече:
„Фатмир Дехари е најслабиот кандидат на ДУИ, кој за време на своето владеење не донесе ништо добро во Кичево. Напротив, им наштети на градот и на луѓето од Кичево. Поради оваа причина, не можеме да застанеме зад него само затоа што е Албанец.“
Пред неколку дена, од коалицијата ВЛЕН порачаа дека граѓаните на Кичево мора сами да пресудат за кого ќе гласаат во вториот изборен круг во Кичево каде што финалната трка за градоначалничката функција ќе ја водат кандидатот на нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, и Фатмир Дехари, кој е кандидат на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ.
