Во првиот круг Ќура освои 9 934 гласа, додека неговиот противкандидат од НАИ, Далипи, со кого оди во вториот круг, имаше 9 719 гласа
Лидерот на движењето Беса, Билал Касами, кој се бори за втор градоначалнички мандат во Тетово, како кандидат на коалицијата ВЛЕН, денеска од Струга му даде поддршка на независниот кандидат за градоначалник на оваа општина, Менди Ќура.

За средбата меѓу Касами и Ќура во Струга информираа од прес-службата на независниот кандидат. Оттаму велат дека на состанокот било потенцирано значењето на поддршката меѓу општините и соработката на проекти кои, како што се наведува, директно влијаат врз подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Претседателот на Беса и еден од лидерите на ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, во врска со поддршката изјави дека ја даваат на кандидат кој дошол како предлог на стружани и оценува дека Ќура како градоначалник на Струга ќе го направи она што во минатото не успеале претходните градоначалници.
„Поддршката ја даваме за кандидатот кој дојде како предлог од стружани и не може да биде поинаку освен ние како ВЛЕН да го поддржиме, затоа што цениме дека на Струга ѝ треба кандидат како Менди Ќура, кој претходно како бизнисмен придонесуваше за подобрување на животот на стружани. Цениме дека како градоначалник на Струга тој ќе го компензира тоа што во минатото не го направија претходните градоначалници“,
изјавил Касами.
Ќура од своја страна изразил благодарност за поддршка од Касами и посочи оти таа е доказ дека промената што започнала во Струга веќе ги надминала партиските граници.
„Поддршката дава до знаење дека ние ќе бидеме појаки после 2 ноември, кога ќе се гласа за бројот 133. Со тоа ќе дадеме до знаење дека овие четири години ќе правиме промени во Општина Струга со помош на централната власт“,
истакнал Ќура.
За потсетување, противкандидат на Ќура во вториот круг ќе му биде Арсим Далипи од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од опозициската Демократската унија за интеграција.
Првиот круг од локалните избори за градоначалници покажа тесна разлика меѓу Далипи и Ќура, кој на гласањето на 19 октомври заврши со блага предност.
Во првиот круг Ќура освои 9 934 гласа, додека неговиот противкандидат од НАИ, Далипи, со кого оди во вториот круг, имаше 9 719 гласа.
