„Во делот на унифицирање, требаше да дојде ВЛЕН за албанскиот буквар да влезе во училиштата со албанска настава во Македонија. Исто така, во делот на некои политички прашања што треба да ги разговараме, прво со отворање на Уставот, ќе има унапредување и за тоа политички, генерално, има некои начелни преговори. Во делот, на пример, на отстранување на 20 отсто за албанскиот јазик“, вели еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами

Не дека не е ништо остварено, вели градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето зошто не се остварени изборните ветувања на ВЛЕН за албанска академија на науки и уметности, основање албанска банка, унификација на наставните програми со Албанија и Косово, нов устав што ќе ја дефинира земјата како заедничка држава на двете најголеми етнички заедници, албански јазик целосно еднаков со македонскиот јазик, како и употреба на албанската национална химна во училиштата.
„Не е баш ништо. Во делот на унифицирање, требаше да дојде ВЛЕН за албанскиот буквар да влезе во училиштата со албанска настава во Македонија. Исто така, во делот на некои политички прашања што треба да ги разговараме, прво со отворање на Уставот, ќе има унапредување и тоа политички, генерално, има некои начелни преговори. Во делот, на пример, на отстранување на 20 отсто за албанскиот јазик. Тоа јас го имам кажано. Тоа што не се отстрани не беше проблем со македонските политички партии кои од времето кажаа дека немаат проблем со тоа. Повеќе беше проблем што ДУИ не сакаше тоа да го реализира затоа што сакаше правата на Албанците да им ги даде со проценти како што им треба за политичка кампања. И во делот на големите политички теми сигурно дека не е дојден моментот, но ние сме убедени дека со оваа влада побрзо ќе се решат. Со ВМРО, да, сигурно дека треба да имаат добар однос меѓу партнерите во Владата за да се реализираат некои работи, но треба да се потсетиме дека и ДУИ беше во владина коалиција минимум два мандата со ВМРО, па тогаш наместо милијарди да одат за проекти на општините каде што и Албанците ќе добијат од тие пари за подобрување на нивниот живот, отидоа за ‘Скопје 2014’. Само во една општина, во Центар беа концентрирани речиси милијарда евра и имаше целосна злоупотреба на јавни финасии за промовирање на етнонационализам, а ДУИ премолчуваше цело време во таа влада“,
смета Касами.

Тој рече дека останува на ставот дека Албанците со три универзитети на албански јазик се спремни достоинствено да бидат претставени на академско ниво.
Касами: Дали тоа ќе биде во рамки на постојната Македонска академија на науките и уметностите или ќе се договориме да има посебни академии, тоа е веќе институционално како ќе се постават работите.
360: Малку ретерирате на оваа тема.
Касами: Не. Повторно ќе речам дека ние ја почнавме иницијативата, ја поддржуваме целосно иницијативата за албанска академија на науките и уметностите, но поважно од тоа дали ќе биде посебна институција воспоставена како таква или ќе биде решена со една институција во рамки на постојната, тоа за мене е веќе формалност.
На прашањето дали Општина Тетово учествува во финансирањето на здружението – академија на науките и уметностите, Касами одговори дека формално како општина не го поддржуваат финансиски, но го поддржуваат со други можности.
Прашан што би издвоил од сработеното на двајцата министри, кадри на БЕСА, во Владата што ги водат секторите економија и социјала, Касами рече:
„Министерството за економија е во фаза на транзиција и не можеме веднаш да кажеме какви се резултатите и тие да бидат опипливи, но во делот на Министерството за социјална политика, демографија и млади веќе резултатите се очигледни. Секојдневно се пуштаат во употреба градинки, во нив се вработува персонал, а тоа што е важно е дека повеќето од тие градинки се во деловите од државата каде што беше најпотребно, а тоа е во западниот дел каде во тие градинки повеќе ќе бидат вклучени албанските дечиња. Така што, во ресорот што го води Фатмир Лимани веќе се очигледни резултатите. Исто така, во Економија има резултати, иако не можеме да зборуваме во овој период сè додека се институционализира реструктуирањето на владините ресори“.