Касами објави дека Реџепи со тоа што вчера не се појави во Собранието за да гласа за недоверба на Владата сериозно го нарушил престижот на Беса
Лидерот на Беса, Билал Касами, го исклучи пратеникот Кастриот Реџепи од партијата откако вчера тој не се појави на собраниската седница со што оневозможи гласање недоверба на Владата.
За одлуката, Касами информираше преку социјалните мрежи.
„Имајќи ги предвид неодамнешните постапки на пратеникот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи кој не се појави во Собранието за да го поддржи предлогот за недоверба на Владата, со кој постапи спротивно на одлуката на партијата во кој случај сериозно го нарушил и престижот на партијата, Движењето БЕСА, односно јас како претседател на партијата, согласно статутарните одредби, односно член 14 став 3 точка 3.3 од Статутот на Движењето Беса, го исклучувам споменатото лице од сите партиски функции и од членството на Движењето Беса. Оваа одлука стапува во сила веднаш“,
објави Касами.
Беса, како и другите опозициски партии вчера ја обвинуваа власта дека го киднапирале Реџепи. Касами синоќа дури го пријави пратеникот во полиција како исчезнат. Реџепи, кој вчера објави видео порачувајќи им да не се грижат, сам се пријави во полиција за да даде изјава дека не е исчезнат.
Откако не успеа изгласување недоверба на Владата, Беса која досега беше во владејачкото мнозинство, денеска излезе од владината коалиција со тоа што министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа и двајца заменици-министри си дадоа оставки.