Министерството за здравство ѝ се заблагодари на Симоновска за досегашниот ангажман и на нејзино место ја назначи Катерина Бошковска, специјалист по педијатриска пулмологија
В.д. директорката на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, Каролина Симоновска, е разрешена од функцијата. На нејзино место е назначена Катерина Бошковска.
Новоименуваната директорка на „Козле“, како што посочуваат од Министерството за здравство, е специјалист по педијатриска пулмологија и над дваесет години е дел од тимот на болницата.
„Во рамки на наставно-образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството ѝ се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска“,
се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Лекарскиот колегиум на болницата „Козле“ минатата недела побара в.д. директорката Каролина Симоновска да биде итно разрешена од функцијата откако ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист. Од Министерството за здравство и премиерот побараа да се стави крај на, како што рекоа од лекарскиот колегиум, самоволието на директорката Симоновска, со што, според нив, ќе заврши дискредитација што таа ѝ ја нанесува на болницата.
За забелешките на лекарскиот колегиум, од болницата тогаш напоменаа дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, особено при оперативен зафат на малолетно лице мора да се санкционира.
Во соопштение испратено до медиумите, Симоновска вчера побара нејзиното име да не биде објавувано од нив.