Според објавите на веб-страницата на Изборната комисија, Навроцки освоил 10 606 877, додека неговиот ривал Рафал Тшасковски освоил 10 237 286 гласа

ФОТО: Принтскрин
Кандидатот поддржан од партијата Закон и правда (ПиС), Карол Навроцки, победи на претседателските избори во Полска. Тој го победи неговиот проевропски ривал и градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски, во неверојатно тесна трка, пренесуваат светските медиуми.
Официјалните резултати покажуваат дека во вториот круг од претседателските избори, Навроцки освои 50,89 отсто од гласовите, а Тшасковски 49,11 проценти.
Според објавите на веб-страницата на Изборната комисија, Навроцки освоил 10 606 877 гласови, додека неговиот ривал Рафал Тшасковски освоил 10 237 286 гласови.
Резултатите доаѓаат по драматичен пресврт со оглед на тоа што првата излезна анкета објавена токму кога се затворија гласачките места сугерираше тесна победа за Тшасковски од 0,6 процентни поени, што го натера да прогласи победа.
Навроцки не го призна поразот и рече дека е уверен оти ќе победи кога ќе се пребројат сите гласови.
„Ќе победиме и ќе ја спасиме Полска. Мора да победиме вечерва“,
рече тој.
За време на кампањата во последните недели двајцата кандидати понудија многу различни визии за Полска, а резултатот од трката ќе има огромни импликации за политичката иднина на земјата, со оглед на можноста на претседателот да стави вето на владините закони.
Претседателот Анджеј Дуда во објава на својот профил на Икс му честиташе на својот наследник.
„Ви благодарам за учеството на претседателските избори. За исполнувањето на вашата граѓанска должност. За преземањето одговорност за Полска. Честитки до победникот! Остани силна, Полска!“,
пишува Дуда.
Во првиот круг од изборите Тшасковски, градоначалник на Варшава и кандидат од Граѓанската коалиција на премиерот Доналд Туск, освои 30,8 отсто од гласовите, а Навроцки, кој е поддржан од партијата Право и правда (ПиС), имаше 29,1 отсто од гласовите.
Славомир Менцен, либертаријански кандидат на крајната десница, по првиот круг се најде на третото место со 15,4 отсто од гласовите. Тогаш Навроцки упати директен апел до Менцен, повикувајќи го него и неговите гласачи да му помогнат да „ја спаси Полска“ и „да го запре маршот на Доналд Туск кон монократија“.