„Никогаш не вели никогаш“, одговори американскиот претседател во нему својствен манир за време на средбата во Овалната соба, каде двајцата одговараа на новинарски прашања
Новиот канадски премиер Марк Карни за време на денешната посета на Белата куќа, прва од преземањето на функцијата, не избегна да му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека, како што кажа, Канада никогаш нема да биде на продажба, пренесе Ројтерс.

Пораката на Карни е одговор на честите изјави на американскиот претседател дека Канада треба да биде 51. држава на Соединетите Американски Држави, што, покрај воведувањето на тарифите на Трамп, доведе до искрења и заладени односи меѓу двете соседни држави.
За потсетување, Карни победи на парламентарните избори на 28 април, а тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани кон Канада дека ќе биде 51. држава на САД беа во фокусот на неговиот победнички говор.
Иако Карни постојано ги нарекуваше овие изјави предавство, двајцата лидери не покажаа непријателство за време на воведната сесија во Овалната соба, каде што двајцата се ракуваа и разменија пофални зборови еден за друг пред новинарите.
Сепак, темата беше покрената кога двајцата одговараа на новинарските прашања.
Трамп рече дека двете страни нема да разговараат за тоа Канада да стане дел од Соединетите Држави, освен ако некој не сака да дискутира за тоа, но рече дека тоа би бил „прекрасен брак“.
На ова канадскиот премиер даде решителен одговор.
„(Канада) не е на продажба, нема да биде на продажба – никогаш“,
рече тој.
Американскиот претседател, пак, одговори во нему својствен манир.
„Никогаш не вели никогаш“,
рече тој.
На прашањето за неговите претходни изјави дека Канада може да стане 51. држава, Трамп рече дека за танго се потребни двајца и наброја низа придобивки што, според него, Канаѓаните би ги добиле, но Карни одговори внимателно:
„Како што знаете од бизнисот со недвижности, некои места никогаш не се на продажба. Сега сме во едно такво место – не е на продажба“,
рече канадскиот премиер.
Трамп, чија царинска политика ги потресе светските пазари, рече дека тој и Карни ќе разговараат за „тешки точки“, алудурајќи на неговото убедување дека САД можат без канадски производи.
„Без оглед на сè, ние ќе бидеме пријатели со Канада. Канада е многу посебно место за мене“,
рече тој, додавајќи дека САД секогаш ќе ја штитат Канада.
Инаку, кратко пред пристигнувањето на канадскиот премиер, Трамп на социјалните мрежи објави дека многу сака да работи со него, но оти не може да разбере една, како што ја нарече, едноставна вистина.
„Зошто Америка ја субвенционира Канада со 200 милијарди долари годишно, плус им дава бесплатна воена заштита и многу други работи? Не ни требаат нивните автомобили, енергија, дрвна граѓа, ништо од она што го имаат, освен нивното пријателство, кое се надеваме ќе го задржиме. Тие, од друга страна, имаат потреба од сè од нас!“,
напиша Трамп.
Либералната партија на Карни, од друга страна, им вети на своите гласачите дека ќе создаде нови билатерални економски и безбедносни односи со Вашингтон и ќе ја диверзифицира економијата што во голема мера е зависна од извозот во САД.
Пред посетата, Карни ги намали очекувањата за пробив во разговорите.
Кога на Трамп во Овалната соба му беше поставено прашање дали Карни може да каже нешто за да го убеди да ги укине царините, тој децидно одговори: „Не“.

И покрај јазот меѓу двете нации по клучните прашања, денешниот состанок не излезе од контрола, односно во остра размена на мислења што ја одбележа посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа на 28 февруари.
„Ова нема да биде како малата расправија што ја имавме со некој друг“,
рече Трамп.
Инаку, Канада е втор по големина индивидуален трговски партнер на САД по Мексико и најголемиот извозен пазар за американски стоки. Минатата година меѓу двете земји поминале стоки во вредност од над 760 милијарди долари, пишува Ројтерс.
Пред состанокот, Министерството за трговија на САД денеска објави дека трговскиот суфицит на Канада со САД во март се намалил на најниско ниво во последните пет месеци, кога царините на Трамп за челик и алуминиум од 25 отсто стапија во сила. Канадскиот извоз во САД паднал за 3,7 милијарди долари, што е втор најголем пад во историјата. Сепак, канадските податоци покажаа дека овој пад бил речиси компензиран со зголемен извоз во други земји, бидејќи канадските компании бараа нови пазари.