Нехамер беше кандидатот кој го бараа „сивите еминенции“ во ОВП, особено гувернерката на покраината Долна Австрија, Јохана Микл Лајтнер

Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, ја презема должноста лидер на Народната партија и функцијата канцелар на Австрија. Нехамер одлично ја познава ОВП, бидејќи беше генерален секретар на партијата, а тој е и омилен помеѓу партиските колеги.
За тоа зборува и фактот дека коалицискиот партнер Зелените и гувернерите на провинциите го прифатија назначувањето на Нехамер.
Вицеканцеларот и лидер на Зелените, Вернер Когле, дури се пофали дека има добра соработка со Нехамер.
Нехамер беше кандидатот кој го бараа „сивите еминенции“ во ОВП, особено гувернерката на покраината Долна Австрија, Јохана Микл Лајтнер.
Во новата рокада, функцијата министер за внатрешни работи би можела да ја преземе Каролин Едштадлер, која досега беше министерка без ресор задолжена за ЕУ и уставни прашања.
Шаленберг би можел да се врати на позицијата шеф на дипломатијата, а актуелниот министер за надворешни работи Мајкл Линхарт би можел да биде министер за европски прашања, односно да биде прераспореден на амбасадорско место.
Поранешниот канцелар на Австрија, 35-годишниот Себастијан Курц, вчера официјално изјави дека се повлекува од политичката сцена. Курц истакна дека сака да му посвети повеќе време на своето семејство бидејќи, како што рече, откако му се родил син сфатил дека има поважни работи од политиката во животот.
