Оттаму додаваат дека глобалниот оток на мозокот што бил констатиран на томографијата, можел да биде предизвикан од повеќе различни причини, а една од нив е недостатокот на кислород во мозокот и враќањето во живот кое траело половина час
Клиниката за ТОАРИЛУЦ-КАРИЛ денеска ги осуди, како што тврдат оттаму, сите шпекулации во јавноста во изминатиот ден, а поврзани со транспарентноста за трагичната смрт на младиот ракометар на РК „Бутел“, Денис Тот.
Оттаму ги повикуваат надлежните институции да го разрешат случајот, а велат и дека повеќе пати се обиделе да го реанимираат хрватскиот ракометар.
„Пациентот беше примен рано утрото на 7 април во Ургентниот центар во Скопје без срцева акција и знаци за живот, и без видливи повреди. Дежурните лекари со колегите од КАРИЛ веднаш на прием пристапиле кон срцева и белодробна реалнимација. По половина час е воспоставена срцева акција. И покрај критичноста на ситуацијата, веднаш е направена компјутерска томографија на целото тело. При самиот прием на пациентот, повикани се сите екипи, од Неврохирургија, од Абдоменална хиругија, Торакална и од Трауматологија за да се изјаснат по однос на наодот од компјутерската томографија“,
велат од КАРИЛ.
Оттаму додаваат дека глобалниот оток на мозокот што бил констатиран на томографијата, можел да биде предизвикан од повеќе различни причини, а една од нив е недостатокот на кислород во мозокот и враќањето во живот кое траело половина час. Времетраењето на враќањето на пациентот во живот било потврдено од колегите од Неврохиругија кои биле присутни во текот на целиот период на лекување на пациентот.
„Пациентот кој по приемот и реанимацијата е префрлен на КАРИЛ, почина на 8 април во пладневните часови после 24 часа борба за живот и неколку дополнитени реанимации. Телото без видливи надворешни знаци на насилство и поради нејаснотии за причината за смртта беше предадено на Институтот за судска медицина за да се направи обдукција и да се расветли причината зошто настанал прекин на работата на срцето и што е точно причината за глобалниот едем на мозокот и смртта. Од самиот прием во Ургентниот центар, МВР е известено за состојбата на пациенот. Во текот на вчерашниот ден целокупната документација беше предадена на Јавното обвинителство. Денеска медицинската документација е на увид и на ДСЗИ“,
стои во соопштението на Клиниката за ТОАРИЛУЦ -КАРИЛ.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека хрватски ракометар Денис Тот, кој почина завчера, бил претепан и дека во врска со случајот се приведени две лица, а едно е во бегство. Вчера и Министерството за здравство соопшти дека ќе иницира вонреден инспекциски надзор за начинот на прифаќање и третманот на ракометарот Денис Тот.
