Зајакнување на безбедноста, борбата против илегалната миграција и криминалот, како и економскиот раст ќе бидат трите клучни теми на кои британскиот премиер Кир Стармер и неговите регионални колеги ќе разговараат на овогодишниот самит на Берлинскиот процес кој наесен ќе се одржи во Лондон
Велика Британија ќе биде домаќин на годинешниот самит на Берлинскиот процес кој на 22 октомври ќе се одржи во Лондон. Лидерите на земјите од регионот на Западен Балкан, од кој дел е и С Македонија, ќе ги пречека британскиот премиер Кир Стармер чија земја годинава претседава со оваа европска иницијатива.

Специјалната претставничка на Велика Британија за Западен Балкан, Карен Пирс, во изјава по повод настанот вели дека за Обединетото Кралство инвестирањето и ангажманот во земјите од Западен Балкан е геостратегиски императив во услови на зголемена глобална неизвесност и непредвидливост.
„Во исто време, нашата цел е да им помогнеме на земјите од регионот да ја завршат својата евроатлантска интеграција и да обезбедат подобар, постабилен и попросперитетен живот за своите граѓани“,
се вели во изјавата што преку писмено соопштени ја пренесе Амбасадата на Велика Британија во земјава.
Зајакнување на безбедноста, борбата против илегалната миграција и криминалот, како и економскиот раст ќе бидат трите клучни теми на кои британскиот премиер Кир Стармер и неговите регионални колеги ќе разговараат во Лондон, а учество ќе земат и девет европски партнери и претставници на земји членки на Европската Унија.
„Премиерот и неговите регионални колеги, заедно со 9 европски партнери и ЕУ, ќе ја унапредат соработката на проекти во три клучни области – миграција и криминал, безбедност и раст. Ќе соработуваме непосредно со регионалните невладини организации и меѓународните финансиски институции за да постигнеме резултати во однос на овие столбови. Сакаме да се погрижиме дека 2025 година ќе го означи почетокот на период во кој ќе се реализира потенцијалот на регионот“,
вели специјалната претставничка на Обединетото кралство за Западен Балкан.
Осврнувајќи се на конфликтите од минатото и наследените предизвици што сè уште ја обременуваат ситуацијата во регион, Пирс во изјавата вели дека како домаќини на Берлинскиот процес, Велика Британија ќе го понуди своето големо искуство во процесите на помирување што земјата ги имала низ својата историја.
„Осумдесетгодишнината од крајот на Втората светска војна и 30-годишнината од масакрот во Сребреница нè потсетуваат на големите зла што им се случија на луѓето од регионот во минатото. Наследените предизвици остануваат, некои од нив се длабоки, како што покажува моменталната криза во Босна и Херцеговина. Сепак, 80-годишнината од основањето на Обединетите нации, 50-годишнината од Завршниот акт од Хелсинки и 30-годишнината од Дејтонскиот/Парискиот договор можат да нè насочат и кон иднината и да нè потсетат на она што може да се постигне преку имагинацијата, толеранцијата и помирувањето. Како домаќини на Берлинскиот процес, ќе се потпреме на нашата историја на помирување и ќе се осврнеме на тоа како навистина изгледаат добрососедските односи и врските меѓу заедниците во пракса и ќе го споделиме нашето искуство за повеќеслојниот идентитет со нашите партнери и пријатели од Западен Балкан“,
се вели во изјавата на Пирс.
На Самитот, како што наведува таа, исто така, Велика Британија ќе ги промовира можностите за зголемување на економскиот раст на земјите од Западен Балкан, а во насока на унапредување на нивната евроатлантска организација.
„Ќе ги прошириме врските меѓу оние што го претставуваат граѓанското општество, младите и родовата еднаквост и ќе ги славиме културата и креативните индустрии на земјите во регионот. Ќе ги поттикнеме учесниците во пронаоѓањето на меѓусебни области за соработка и иновации“,
се наведува во соопштението.
Дополнително, како што вели Пирс, самитот ќе даде поттик и за изнаоѓање конкретни начини за спроведување на обврските што произлегоа од претходните сесии во рамките на Берлинскиот процес, но не заживеаја во пракса.
„Напредокот со личните карти и признавањето на квалификациите за високо образование е во застој. Ќе бараме креативни начини за постигнување на меѓусебно признавање и олеснување на патувањето низ целиот регион. Ќе ја поддржиме брзата имплементација на двата договори за признавање на професионалните квалификации и ратификацијата на договорот за пристап до високо образование и прием на студиски програми. Тоа ќе направи вистинска разлика за луѓето од шесте земји од Западен Балкан“,
вели специјална претставничка за Западен Балкан.
На крајот таа посочува дека Обединетото Кралство ја ревитализира својата улога во Европа, а клучен дел од ова е, како што додава, зајакнувањето на партнерствата со земјите од Западен Балкан.
Во овој контекст, таа потсетува на првата посета на британскиот премиер на Албанија и посетите на шефот на британската дипломатија Дејвид Леми на Косово, Србија и на Босна и Херцеговина.
„Обединетото Кралство долго време игра клучна улога во регионот и ќе продолжи тоа да го прави, преку поддржување на стабилноста, безбедноста и просперитетот, а воедно и преку поддршка на земјите во модернизирањето на нивните економии и заземањето на нивните заслужени места во една ваква модерна Европа. Подготвени сме да ги зајакнеме овие партнерства за да помогнеме во завршувањето на оваа важна работа“,
порачува Карен Пирс во воведниот коментар за претстојниот есенски самит на Берлинскиот процес во Велика Британија.