Во обраќањето пред делегатите, Каранфилова-Пановска посочи дека во оваа фаза во која се наоѓа сега СДСМ клучно е враќањето на довербата на слободоумните граѓаните

Убедена сум дека ќе ги вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Ова е пораката што новата заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, го истакна на вчерашниот 30. Конгрес на СДСМ.
„Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас, од моја страна, ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени“,
додаде Каранфилова-Пановска.
Таа вели дека со себе ги носи принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на прогресивното граѓанско општество, и за кои вели дека во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет. Тоа, рече Каранфилова-Пановска, се вредности „за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“.
Таа рече дека функцијата со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните.
„Одговорноста е огромна пред сѐ заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на дејствување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“,
рече Каранфилова-Пановска.
Во обраќањето пред делегатите, Каранфилова-Пановска посочи дека во оваа фаза во која се наоѓа сега СДСМ клучно е враќањето на довербата на слободоумните граѓаните.
„Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош, во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирањето на партијата, имајќи ги предвид сите предизвици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! И во ова лежи суштината на мојот инстинкт, порив и подготвеност да се нафатам на оваа сериозно одговорна функција“,
рече Каранфилова-Пановска.
Според неа, дека мора да се случи консолидација на знаењето кое го поседува СДСМ во најширока смисла од раководство, општински организации, членови, симпатизери, поддржувачи, природните сојузници меѓу граѓанството, и тоа да се преточи и во консолидирано дејствување на сите нивоа.
„СДСМ мора интензивно и бескомпромисно да зрачи и да дејствува согласно својот автентичен вредносен систем идеологија и наратив, кои ќе бидат главната окосница што ќе ја одржува и зајакнува внатрешната кохезија и заедништвото во партијата. Со многу работа, посветеност, конзистентност, искреност во пристапот и намерите, со дијалог, солидарност, емпатија и уважување на различните ставови и позиции, како и со вреднување на различностите како привилегија и богатство на една демократска партија, убедена сум дека ќе го вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија“,
рече Каранфилова-Пановска.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на вчерашниот конгрес рече дека имало одлична сила, енергија и ентузијазам видлив кај сите присутни.
За Каранфилова-Пановска рече дека е човек со кој се познава многу долго време и оти ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности.
Тој информира дека се избрани и нови членови на централниот и надзорниот одбор, а нивната селекција се одвивала во изминатите пет месеци.