Таа потенцира дека на локалните избори, СДСМ ќе даде соодветен одговор, концепциски, програмски и кадровски и ќе излезе пред граѓаните со своја понуда за целосна рехабилитација, за обнова на Скопје
СДСМ на локалните избори ќе има соодветна програмска и концепциска понуда, како и кандидат што ќе може да го рехабилитира главниот град, вели во интервју за „Локално“, заменик-претседателката на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска, нагласувајќи дека на Скопје во изминатите години му се случило цунами и целосен крах на основните функции на градот.
Според неа, најголемата вина за овој крах на главниот град ја имаат премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неговата партија и градоначалничката Данела Арсовска.

„Колабиран е јавниот превоз, хигиената во градот е катастрофална, улиците се преполни со смет, јавните претпријатија не функционираат, нема реализација на крупни капитални проекти, нема развој на градот. Грубо звучи, но реално скопјани се жртви на нивните меѓусебни пресметки, интереси и калкулации. Тие го доведоа главниот град на дното, не само во јавниот транспорт, туку и во сите други области. Заедно ветуваа модерно Скопје, нови 250 автобуси па дури и бесплатен јавен превоз. А што донесоа? Заглавен и задушен град, целосен распад, не само во јавниот превоз, на сите полиња. И тој крах е на ВМРО-ДПМНЕ, иако сакаат скопјани да го заборават тоа“,
вели Каранфилова-Пановска.
Таа потенцира дека на локалните избори, СДСМ ќе даде соодветен одговор, концепциски, програмски и кадровски и ќе излезе пред граѓаните со своја понуда за целосна рехабилитација, за обнова на Скопје.
„Програмата ќе понуди модерен јавен превоз, намален сообраќаен метеж, ослободување на јавните простори, на нови зелени појаси, сообраќајно поврзување на градот внатре и со периферните населби. Ќе понудиме програмски концепт на модерното и ефикасно домување, каде скопјани ќе се чувствуваат убаво и задоволно, со квалитетни услови за образование на децата и најмалите. Концепт за справување со загаденоста, отпадот, нечистотијата, културни и спортски содржини на градот, пристојни дигитализирани и современи начини на сервисирање на потребите на граѓаните“,
порача заменик-претседателката на СДСМ.
