Таа посочи дека изјавата на премиерот Мицкоски покажува дека владејачкото мнозинство нема намера да го одблокира евроинтеграцискиот процес и додаде дека СДСМ ќе поддржи сè што ќе значи подобра преговарачка позиција, но рече дека европскиот пат е блокиран

Пораките на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се јасни, одговорноста на власта е да го деблокира европскиот пат на земјата. Тој јасно кажа дека тоа што е договорено ние како држава имаме обврска да го испорачаме, вели заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.
Таа вели дека посетата на Кошта е уште еден сигнал дека ЕУ вложува напори за придвижување на Македонија кон европската интеграција.
„Изјавата на господинот Кошта беше прилично прецизна, би рекла и прилично доследна на она што беа и претходни изјави од високи претставници на Европската Унија. Тој кажа дека тоа што е договорено е договорено и дека сега ние имаме обврска да испорачаме по договореното. Ако се контекстуализира наративот, може да се прочита дека практично тоа што е договорено со Преговарачката рамка го утврдува патот, но воедно ги утврдува и гаранциите“,
рече Каранфилова-Пановска во гостување во емисијата „24 анализа“, на ТВ 24.
Таа посочи дека изјавата на премиерот Мицкоски покажува дека владејачкото мнозинство нема намера да го одблокира евроинтеграцискиот процес. Каранфилова-Пановска нагласи дека СДСМ ќе поддржи сè што ќе значи подобра преговарачка позиција, но рече дека европскиот пат е блокиран.
„Ние сите овие месеци наназад повторуваме и кажуваме дека апсолутно стоиме зад поддршка на сè она што Владата ќе успее да го обезбеди како подобра преговарачка позиција во овој процес. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поддржи било каков предлог во таа насока, но тоа што е реалност е дека такво нешто не се случува“,
рече Каранфилова-Пановска.
Таа потсети дека СДСМ како власт секогаш упатувала покани до ВМРО-ДПМНЕ како опозиција за вклучување во ЕУ процесот и дека во 2021 година ја поддржале резолуцијата на тогашната опозиција за црвените линии. Таа ги оцени како неоправдани обвинувањата дека на тогашната опозиција не ѝ било дозволено да биде дел од процесот.
„Би било нефер да се каже дека СДСМ продолжил со евроинтеграциите загрозувајќи го или ризикувајќи го идентитетот. Македонскиот идентитет денеска е признаен и заштитен“,
рече Каранфилова-Пановска.
СДСМ, додаде заменик-претседателката, и сега како опозиција подава рака, во интерес на граѓаните и напредокот на државата, овој процес да се води заеднички.
Таа вели дека покрај напредокот кон ЕУ на Албанија и Црна Гора, веројатно и на Молдавија, се отвора прашањето со каква гордост и перспектива Македонија ќе се претстави пред младите генерации.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој вчера беше во еднодневна посета на земјава, имаше средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
На заедничката прес-конференција со Мицкоски, Кошта рече дека процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија се одвива навистина предолго време и сега е ред да се испорачаат резултати, а за тоа, како што додаде, потребно е истовремено да чекориме во две паралелни димензии. Она што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се реализира, нема простор за нови барања, рече Кошта.
Тој ја поздрави, како што рече, одличната работа што беше завршена од страна на С. Македонија и од Владата во поглед на реформската агенда и напредокот кој веќе беше постигнат.