Заменик-претседателката на СДСМ вели дека секојдневно излегуваат јавно со реакции за сите погрешни политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги демонстрира, како на пример, со упадите во судството, со упадите во независните тела, несправувањето со животниот стандард и скапотијата. Дополнително, вели Каранфилова-Пановска, очекувано е новото раководство кое е воспоставено само неколку месеци по изборниот пораз да не биде толку силно артикулирано

Во овие осум месеци, а особено за овие три за кои јас можам изворно и директно да зборувам, Социјалдемократскиот сојуз прави чекори и исчекори кои можеби не се толку очигледни во јавноста, но кои ќе покажат и дадат резултати – смета заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Таа вели дека не може да се согласи дека СДСМ во моментов е млака опозиција и оти по изборите во мај минатата година, и по оставките од раководните позиции на тогашното претседателство и изборот на новиот лидер, партијата се наоѓала во ситуација како никогаш претходно – во смисла на поддршката меѓу членството преточена во комплетна разочараност и лутина, која според неа е легитимна и оправдана, но во овие осум месеци, а посебно во последните три месеци, СДСМ прави чекори и исчекори кои можеби не се толку очигледни во јавноста, но според неа ќе дадат резултати.
„Ова го говорам во контекст на тоа дека СДСМ, опоравувајќи се од пожарот, консолидирајќи ги своите редови, воспоставувајќи ново раководство, етаблирајќи ги општинските раководства и воспоставувајќи механизми на комуникација, тој систем што го воспоставуваме, кој го немаше, бидејќи почнувавме од нула, тој функционира и за да дава резултати кои ќе бидат видливи, како што се очекува и како што треба, и тоа ќе се случи наскоро“, вели Каранфилова-Пановска.
На новинарско прашање дека одредени „теории на заговор“ велат дека личи како да има договор помеѓу Филипче и Мицкоски и оти нивните поддржувачи очекуваат многу подинамична и активна СДСМ, заменик-претседателката повтори дека лично не би рекла дека СДСМ е млака опозиција и оти секојдневно излегуваат јавно со реакции за сите погрешни политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги демонстрира, како на пример, со упадите во судството, со упадите во независните тела, несправувањето со животниот стандард и скапотијата. Дополнително, таа вели дека е очекувано новото раководство кое е воспоставено само неколку месеци по изборниот пораз да не биде толку силно артикулирано.
360°: Таа ваша активност сè уште не се рефлектира во анкетите, да речеме. Зошто е тоа така?
Каранфилова-Пановска: Па, јас мислам дека некои последни анкети поинаку би говореле, но за тоа ќе зборуваме тогаш кога ќе може да излеземе со некои цифри официјално. Мислам дека срамежливо, но сигурно има поместување.