„Мојата главна амбиција зошто се нафаќам на оваа работа, е затоа што смеетам дека СДСМ треба да се возобнови и да прерасне во една вистинска граѓанска опција. Можеби со мојот избор дури и граѓанското општество, граѓанските организации, граѓаните генерално, ќе почувствуваат дека во партијата имаат некаков поголем сојузник“, вели новата заменик-претседателка на СДСМ
Новата заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Фани Каранфиловска-Пановска вели дека, освен лидерот Венко Филипче и потпретседателката Ана Чупеска, не познава никој друг од новото раководство на партијата.

Таа во изјава за ТВ 21, одговарајќи на прашање дали некои од носителите на високи позиции во партијата се поврзани со поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека не може да одговори на прашањето оти не се познава лично со тие луѓе.
„Искрено да ви кажам, освен со еден-двајца, претседателот Филипче и потпретседателката Чупеска, која ја знам од претходно, ниту еден од новото раководство и од Извршниот одбор не познавам и апсолутно не можам да коментирам и да кажам дали некој од тие луѓе и какви релации имаат со кој било од претходните претседатели на СДСМ“,
вели таа.
Посочи дека ќе се стреми партијата да се возобнови и да стане вистинска граѓанска опција.
„Мојата главна амбиција зошто се нафаќам на оваа работа, е затоа што смеетам дека СДСМ треба да се возобнови и да прерасне во една вистинска граѓанска опција. Можеби со мојот избор дури и граѓанското општество, граѓанските организации, граѓаните генерално, ќе почувствуваат дека во партијата имаат некаков поголем сојузник“,
рече Каранфиловска-Пановска.
На прашањето зошто одлучила да влезе во политиката, посочи оти смета дека мора да биде дел од процесите ако посакува нешто да се промени.
Посочи оти постојат тенденции да се воведе нов режим во државата, но дека со партијата ќе работата тие да се разобличат.