Тој вели дека македонските власти три и пол години не направиле ништо и сега се надеваат на тоа дека бугарската страна ќе се согласни на компромис, но тоа нема да се случи
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска зборуваше за посетите на Владо Бучковски во Софија и рече дека тој има добра волја и добар став кон Бугарија, но и порача дека Северна Македонија мора да почне да ги чита одлуките на бугарските власти.
„Бугарија има јасен став за Република Северна Македонија и крајно време е Скопје да почне да ги чита одлуките на бугарскиот парламент. Господинот Владо Бучковски е добронамерна личност, со политичко искуство, со добар став кон Бугарија. Не случајно беше избран за медијатор“,
вели Каракачанов, а пренесува БГНЕС.
Сепак, тој смета дека властите во Скопје го користат експремиерот за да покажат добра волја.
„Самиот Бучковски има добра волја, но оние што го испраќаат немаат. Тие веќе три и пол години не направија ништо и сега продолжуваат да се надеваат на тоа дека и покрај одлуките на бугарските парламент и влада, може да се постигне компромис, нешто што би било компромис од Бугарија. Тоа не може да се случи“,
вели Каракачанов.
Тој повторно зборува за учебниците по историја во македонското образование и е категоричен дека не може во нив Бугарите да се нарекуваат Татари и фашисти.
„Имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков како што е од периодот кога настанал, а не да крадеш туѓа историја и да создаваш туѓ идентитет. Тие имаат – тоа е идентитетот создаден од Јосип Броз Тито и Коминтерната. Никој не посега по него. Но, Цар Самуил е бугарски, тој не се борел против Бугарија како што пишува во македонските учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори и татарско племе. И покрај 70 години на промени во јазикот, ние сè уште зборуваме без преведувач, зборуваме на ист јазик“,
вели Каракачанов.
Во објавите на бугарските медиуми може да се пронајде информација дека специјалниот пратеник што го назначи Владата за проблемот со Бугарија, Владо Бучковски, денеска треба да пристигне во Софија. Според БНТ, посетата ќе трае неколку дена и тој ќе има средби со бугарски политичари.
Бучковски веќе еднаш беше во посета и тогаш имаше средби со премиерот Бојко Борисов, вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, како и со Каракачанов.