Педесетгодишната жена, кај која е потврдено заболување со коронавирус, е сместена на Одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, свесна е, ориентирана и дише самостојно, информира д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство.

Тој појасни дека тоа што е сместена на Одделот за интензивна нега значи само нејзина изолација од останатите простории и болни кои се наоѓаат на клиниката.
Тој потенцира дека по пристигнувањето на Клиниката се почитувани сите протоколи што важат за случаи кај кои има некакви симптоми што би укажувале на ова заболување – за нив постои посебен влез на Клиниката, пренесени се по посебни патеки на движење до местото на изолација, а е прегледана од екипа која имала целосна заштитна опрема предвидена за коронавирус.
Пациентката во земјава влегла преку граничниот премин „Табановце“ со комбе, по што од наплатната рампа со приватно возило е донесена веднаш на Инфективната клиника. Таму пристигнала екипа на ИЈЗ со целосна заштитна опрема за вакви случаи која се задржала два часа.
Во меѓувреме се идентификуваат патниците што патувале со неа, тие ќе бидат тестирани и ќе бидат ставени во 14-дневен карантин. Повеќе информации за ова, министерот за здравство Венко Филипче најави на прес-конференцијата што ќе се одржи во 20 часот.
*Поврзана вест
Официјално: Потврден прв случај на коронавирус во Македонија