Државната изборна комисија вчерва одржа седница, откако Талат Џафери, и официјално, ги закажа локалните избори на 17 октомври
Листите на кандидати за локалните избори се поднесуваат до општинските изборни комисии заклучно со 11 септември до 24 часот; Изборната кампања започнува на 27 септември во 00 часот, што значи дека се смета и денот 27 и трае заклучно со 15 октомври до 24 часот, кога настапува изборниот молк пред гласањето на 17 октомври. На 16 октомври, кога е изборен молк, гласаат болните и немоќните…
Државната изборна комисија, вечерва на јавна седница, веднаш по добивањето на решението со кое беа распишани локалните избори, ги утврди поважните рокови за изборните дејствија за изборите закажани за 17 октомври годинава.
Ждрепките за редоследот на гласачкото ливче на листите ќе се извлекуваат најдоцна до 23 септември и сите листи на кандидати од ист подносител во сите општини, согласно со Изборниот законик, ќе имаат ист реден број.
На 23 септември, ДИК ќе организира потпишување на изборниот кодекс за фер и демокартски избори со претставниците на подносителите на листите . Собирањето потписи на граѓани за поднесување независни листи на кандидати ќе почне на 16 август и ќе трае 15 дена, заклучно со 30 август, а ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК низ државата и, согласно со измените на Избониот законик од лани, пред надлежни нотари кои ќе бидат определени од страна на самите подносители на листи, за што дополнително ќе бидат издадени упатства.

ЦЕЛИОТ РОКОВНИК НА ДИК Е НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Јавниот увид во Избирачкиот список ќе започне на 21 август и ќе трае заклучно со 9 септември во 24 часот во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК.
Рокот за пријавувањето на болни и немоќни лица кои гласаат ден пред изборите е седум дена пред изборите, додека рокот за пријавување на набљудувачите – домашни и меѓународни, НВО, претставници на меѓународни мисии и амбасади, трае до 6 октомври. Политичките партии ќе добијат известување од ДИК најдоцна до 1 септември за именување свои претставници и заменици во избирачките одбори, по што за пет дена тие треба да ги достават нивните имиња.
На седницата беше усвоено и барањето кое ќе биде испратено до МВР за доставување податоци за ажурирање на избирачкиот список, односно податоци за граѓани со наполнети 18 години до денот на одржување на изборите, за прв круг гласање. За ажурирање на податоците во избирачкиот список ДИК ќе се обрати и до основните судови, МТСП и до казнено-поправните установи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го потпиша решението со кое ги распиша локалните избори на 17 октомври. Бидејќи изборната кампања почнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите, во тој период, Џафери најави дека во Собранието нема да се одржуваат пленарни и комисиски седници.