Речиси сите парламентарни партии во Бугарија се воздржани во коментарите за тоа дали би ја поддржале владата предводена од Пламен Николов кого „Има таков народ“ го номинираше за премиер. Според првичните реакции, тие сметаат дека тој има добра биографија иако е непознат за нив, но клучни ќе бидат предлозите за министри и програмата
Воздржани, а повеќето и изненадени се политичките партии во Бугарија откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов го номинираше пратеникот Пламен Николов за мандатар за составување нова влада.
Николов попладнево, придружуван од други претставници на ИТН, го доби мандатот од претседателот Румен Радев, а во првичните реакции останатите политички актери во Бугарија велат дека евентуалниот иден премиер е непознато лице за нив.

Како што пренесува бугарската Нова ТВ, на партиите им се допаѓа биографијата на Николов, меѓутоа засега не можат да кажат дали ќе ја поддржат и владата која тој би ја предводел со оглед на тоа што не се познати останатите кадровски решенија.
„Очигледно, колегата ни е потполно непознат. Изгледа како симпатична личност, но во оваа фаза не гледам што друго би можеле да коментираме. Ќе почекаме да биде претставен и Советот на министри и да видиме каква програма ќе биде претставена“,
вели копретседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, еден од потенцијалните коалициски партнери на Слави Трифонов.
„Не избираме крал“, вели во дел од коментарот Николај Хаџигенов од „Исправи се!“, која е третата партија што произлезе од протестите (покрај ИТН и „Демократска Бугарија“).
Тој потсетува дека непосредно пред ИТН да го зеде мандатот од Радев, тие знаеле оти правникот Петар Илиев ќе биде номиниран за мандатар.
„Се очекуваше тој да биде сменет затоа што тој е несоодветен кандидат. Сега кандидатот за премиер (Пламен Николов), според биографијата, е соодветен, но добрите биографии не се доволни. Ова е само добар почеток“,
вели Хаџигенов.
И Маја Манолова од истата партија вели дека е задоволна што приоритетите на мандатарот Николов се совпаѓаат со тие на „Исправи се!“, но и таа потенцира дека конечната одлука дали ќе ја поддржат владата ќе ја донесат откако ќе го знаат конечниот предлог за останатите кадровски решенија.
Најголемата опозициска партија за време на владеењето на Бојко Борисов, Бугарската социјалистичка партија (БСП), исто така, е воздржана во првичните реакции.
„Името на кандидатот е важно. Неговото образование и искуство се важни, но најважна е програмата. Имаше случаи на добри имиња кои не успеаја. За нас е важна програмата која многу зависи од премиерот, но и од министрите на кои тој ќе се потпре“,
вели Румен Грчев од БСП.
Халил Летифов од ДСП порача дека ќе одлучат дали ќе ја поддржат владата кога ќе ги видат и предлозите за министри. Конкретно за Николов, Летифов во првичниот коментар вели дека не го познава и не може да даде оценка за неговата личност.
Коалицијата ГЕРБ-СДС, пак, во писмената реакција оценува дека тоа што Николов бил номиниран за премиер во последен момент е несериозен политички чин.
„Ваквите активности се знак за неспособноста на ИТН да носи одговорност“,
велат од ГЕРБ-СДС.
Пламен Николов влезе во бугарскиот парламент како пратеник од „Има таков народ“. Претходно има 15-годишно работно искуство во развој на деловна активност и менаџирање проекти, бил на чело на канцеларијата на американска компанија за Европа, Азија и Африка и бил одговорен за нејзините деловни перформанси на пазарите во 67 земји. Тој се образовал на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде станал магистер на филозофија на науката. Потоа, продолжил во Австрија каде специјализирал на универзитетот во Клагенфурт. Неговиот докторат е по филозофија на право, политика и економија.