„Сакам да ја информирам јавноста дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи, поврзани со една изборна средба, како и начинот на кој тие тенденциозно се толкуваат во некои медиуми, се целосно невистинити, злонамерни и со јасна пропагандна заднина“, вели Реџепи во реакцијата
Бајрам Реџепи, кандидатот за градоначалник на Тетово на „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, негира дека имало средба меѓу претставник на НАИ и кандидатката на Левица, Катка Божиновска, наведувајќи дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи се невистинити и со јасна пропагандна заднина.

Реакцијата на Реџепи доаѓа откако од коалицијата ВЛЕН на неговиот противкандидат во вториот круг, Билал Касами, денеска ги повикаа жителите на општините Тетово, Дебар и Струга и на секоја друга општина каде Албанците се мнозинство дека гласот што на 2 ноември ќе го дадат за НАИ е всушност глас за Левица, за антиалбанство и за политички срам.
Како доказ за наводната предизборна комуникација меѓу ДУИ и Левица, од ВЛЕН ја посочија фотографијата објавена во дел од медиумите, на која се гледа претставникот на НАИ во Тетово, Арди Исмаили, на средба со кандидатката на Левица, Катка Божиновска, која испадна од изборната трка во првиот круг.
Фотографијата, според коалицијата која е дел од Владата, е доказ дека НАИ е подготвена да продаде каква било национална вредност само за да добие власт.
Од друга страна, кандидатот на НАИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи, вели дека станува збор за целосно невистинити и злонамерни наводи, со јасна пропагандна заднина.
„Сакам да ја информирам јавноста дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи, поврзани со една изборна средба, како и начинот на кој тие тенденциозно се толкуваат во некои медиуми, се целосно невистинити, злонамерни и со јасна пропагандна заднина“,
вели Реџепи во писмената реакција.
Појаснувајќи ја ситуацијата, тој вели дека станува збор за редовна изборна активност, на која тој заедно со сопругата и активистки од Форумот на жената на НАИ, учествувале на промотивен настан со жени интелектуалки од градот, а во рамките на претставувањето на изборната програма.
На настанот, како што наведува Реџепи, учествувале голем број жени од Тетово, но кандидатката на Левица не била меѓу нив.
„Кандидатката на партијата Левица не беше присутна на таа вечера, и во ниту еден момент не се работи за состанок со одредени партиски структури или за нешто надвор од јавниот карактер на настанот“,
вели кандидатот на НАИ за градоначалник на Тетово.
Тој додава дека настанот бил одржан во ресторан во центарот на градот и целосно јавен и оти секој обид да му се дадат други политички конотации е неоснован, тенденциозен и одвратен.
„Овој низок чин зборува повеќе за менталитетот на нарачателите на оваа ниска пропаганда отколку за самиот настан. За разлика од другите, нашата коалиција за Тетово од самиот почеток е со граѓаните и за граѓаните. Немаме што да криеме, ниту потреба да клеветиме. На 2 ноември во Тетово ќе победи слободниот и чесниот глас, а Тетово конечно ќе може слободно да здивне“,
вели Реџепи.
Повикувајќи се на фотографијата, претходно од ВЛЕН оценија дека контактите меѓу претставници на НАИ и на партијата Левица не се политика, туку срамна зделка.
„Да не заборавиме која е Левица. Партија која јавно ги навреди Албанците, се изјасни против независно Косово, се спротивставува на членството на НАТО, побара затворање на џамиите и ограничување на правата на Албанците. И денес НАИ седи на маса со нив, за валкан изборен договор. Ова не е политика, ова е срамна зделка. Ова не е стратегија, ова е морален колапс“,
наведоа од ВЛЕН.
Во вториот круг од локалните избори, во трка за градоначалник се кандидатите на ВЛЕН, Билал Касами, и на НАИ, Бајрам Реџепи. Во првиот круг, Касами освои 19 028, а Реџепи 15 272 гласа.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, пак, рече дека ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево, веројатно како „благодарност“ што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ги оставија без свои кандидати за градоначалници општините Гостивар, Тетово и Струга.
