Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министерка за труд и социјална политика во техничката влада, Рашела Мизрахи, е ветеринарка – докторка по ветеринарна медицина, чие поле на научен интерес е андрологијата или машката фертилност кај животните. Таа дипломирала на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година како најдобар студент во генерацијата. Таму подоцна магистрирала и работела како асистентка на Институтот по физиологија (2007-2009 г.). Рашела Мизрахи докторирала на Универзитетот „Бар Илан“ во Израел во 2014 година и се стекнала со звање доктор на науки по биохемија на андрологија.

Интересно е дека во објавите во дел од медиумите за Рашела Мизрахи, која е предлогот на најголемата опозициска партија за министерка за труд, беше наведено дека таа е доктор на науки по биохемија, но не и дека станува збор за биохемија на андрологија. Исто така, беше објавено дека била асистентка на Институтот за физиологија, но не и дека станува збор за институт во рамките на Факултетот по ветеринарна медицина. Исто така, во ниеден од тие текстови, случајно или намерно, не беше објавено дека Мизрахи дипломирала на Факултетот за ветерина во Скопје. Нејасно е зошто некој би сакал да го сокрие професионалниот бекграунд на кандидатката за министер во техничката влада.

„Уште во раното детство, под влијание на домашното воспитување и големата љубов кон животните, некако без многу размислување, се видов себеси во ветеринарната професија“, вели Рашела Мизрахи во интервју објавено во октомври 2014 година.

Мизрахи работела и за Министерството за здравство
Кандидатката за министерка во техничката влада била ангажирана и во Министерството за здравство, во Комисијата за ретки болести, како консултантка. Ангажманот во здравство опфаќа период од министерувањата на Никола Тодоров и на Арбен Таравари.