Овој судски процес трае повеќе од пет години, а со денешното даваше заврши зборови конечно дојде до изрекување пресуда што е закажано за 12 мај. За разлика од одбраната, јавното обвинителство денеска побара осудителна пресуда

Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и нејзините адвокати денеска во заврши зборови посочија дека очекуваат ослободителна пресуда во случајот „Тендери“ кој се однесува на тендер за градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, а каде таа е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Канческа-Милевска во завршните зборови рече дека врз основа на доказниот материјал се докажало дека не го сторила кривичното дело ниту пак тоа можело да се стори од кој било аспект.
„Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување, напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура“,
рече ексминистерката.
Таа истакна дека се надева оти судот ќе донесе објективна пресуда која се заснова на докази и факти.
Пред неа, ослободителна пресуда побараа адвокатите.
„Потенцирам и апелирам до Судечкиот совет, при оценката на сите релевантни факти, да го има предвид решителниот факт, како примарна работа, а тоа е дека за постоење на ова кривично дело, мора да постои бланкетна норма, која обвинетите неспорно ја повредиле, за да воопшто постои кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување“,
рече еден од бранителите во судскиот процес, Сашко Дуковски.
Според него, набавката за која се товарат обвинетите е спроведена на таков начин, како што рече, „што обвинетите треба да бидат наградени и пофалени“.
„За ова постои и извештај од Државниот завод за ревизија, каде на ниедно место не е констатирано прекршување, а наградата за тоа е обвинение за „злоупотреба службената положба и овластување“,
рече Дуковски.
Јавното обвинителство, пак, смета дека го докажало обвинението и побара осудителна пресуда.
Во случајот „Тендери“ покрај ексминистерката Канческа-Милевска, за злоупотреба на службената положба и овластувања се гонат уште две лица. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. Другите две обвинети, една претседателка, а една член на Комисијата за јавни набавки, според обвинението, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за фирмата корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.
Овој судски процес трае повеќе од пет години. Воведните зборови на странките беа дадени на 13 март 2018 година. Изрекувањето на пресудата е закажано за 12 мај 2023 година.