Претходно овој месец канадскиот премиер Џастин Трудо, поддржувајќи ги обвинувањата на американскиот претседател Џо Бајден во врска со војната во Украина, рече дека е апсолутно исправно што сè повеќе луѓе ги опишуваат руските акции во Украина како геноцид
Пратениците од Долниот дом на парламентот во Канада синоќа едногласно ги оценија за геноцид руските напади врз Украина забележувајќи дека има доволно докази за систематски и масовни воени злосторства против човештвото извршени од Москва.
„Руските воени злосторства вклучуваат масовни злосторства, систематски случаи на намерно убивање украински цивили, сквернавење трупови, присилно пренесување украински деца, тортура, физички повреди, психички повреди и силување“,
се наведува во нацрт-декларацијата на Долниот дом.
Претходно овој месец канадскиот премиер Џастин Трудо, поддржувајќи ги обвинувањата на американскиот претседател Џо Бајден во врска со војната во Украина, рече дека е апсолутно исправно што сè повеќе луѓе ги опишуваат руските акции во Украина како геноцид.
Канада е меѓу земјите што воведоа санкции кон Русија по инвазијата на Украина на 24 февруари. Во текот на вчерашниот ден таа воведе дополнителни санкции за 203 лица за кои вели дека се соучесници во обидот на Русија да го анектира регионот Донбас во источна Украина.
Канадската влада, исто така, најави дека ќе ја измени легислативата за да дозволи запленетите руски средства да ги исплати за обновата на Украина односно како помош за оние кои се погодени од руската инвазија.