Научниот советодавен комитет за имунизација (НАЦИ) на Канада ги промени упатствата за вакцинирање со тоа што дозволи мешање на вакцините, односно граѓаните што примиле една доза, да може да примаат втора доза од друга вакцина.
Секоја покраина одделно ќе одлучи дали ќе ги комбинира вакцините, а некои, поради појавата на згрутчување на крвта со „Астра Зенека“, од претходно веќе се одлучија на таков чекор.
Упатството на комитетот дава можност да се комбинираат вакцините токму кај луѓето што примиле „Астра Зенека“. За втора доза се препорачува примање на „Фајзер“ или „Модерна“. Исто така, пренесува „ЦТВ њуз“, се дозволува и комбинација од „Фајзер“ и „Модерна“ односно луѓето што примиле прва доза „Фајзер“ да може да примаат втора од „Модерна“ и обратно.
Сепак, останува препораката двете дози да бидат од ист производител, а комбинација да се прави доколку има потреба.
„Способноста за промена на вакцините значи дека можете да ја примите првата доза на вакцината и да добиете различна вакцина со целосна безбедност во втората доза за вакцинирање и да обезбедите оптимална заштита од ковид-19“,
изјави Хауард Њо, канадскиот заменик-главен епидемиолог, пренесува ЦЦНИ.
Комитетот посочува дека таквото мешање може да создаде можност за краткорочно зголемување на несаканите ефекти особено главоболки, чувство на замор и општа слабост. Комбинацијата на вакцини од различни производители, посочуваат, не е непозната: се користи за грип и хепатитис А.
Меѓу последните провинции кои од претходно соопштија дека ќе ги комбинираат вакцините беше Манитоба каде што властите во понеделникот соопштија дека вакцинираните со прва доза на „Астра Зенека“ ќе може да добијат втора од „Фајзер“ или „Модерна“.
И островската покраина Принц Едвард вчера објави дека планира на вакцинираните со „Астра Зенека“ да им овозможи да примаат втора доза од друг производител.