Во среда на 24 јуни официјално треба да почне кампањата на политичките партии за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули, но политичките партии веќе неколку дена спроведуваат свои активности на терен. Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, денеска се во посета на дел од градовите во земјава.

Во агендата на Заев денеска се најдоа Штипско, каде правеше увид на изградбата на експресниот пат од Штип кон Кочани, како и Крива Паланка, а Мицкоски денеска е во Куманово.

„Се наоѓаме на првата фаза Штип-Крупиште во должина од 14.3 км која е во финална фаза од изградба. Граѓаните од Штип и Кочани се поврзуваат со брз и безбеден експресен пат со кој патувањето од Скопје до истокот на земјата се скратува за цели 30 минути. Оваа делница ќе претставува главна транспортна артерија на истокот од нашата земја низ која безбедно ќе циркулираат луѓе и транспорт на стоки и услуги. Воедно овој патен правец преку поврзувањето со автопатот Миладиновци-Штип е дел од Коридорот 8 и претставува безбедна и брза патна врска со соседна Република Бугарија“,
рече Заев.
Мицкоски, пак, во Куманово беше на партискиот штанд на градскиот плоштад, а во неговата агенда се најде и посета на штандот пред Домот на културата „Трајко Прокопсиев“.

„Ќе разговараме со Кумановчани за актуелната ситуација, за предизвиците кои што во изминатиов период ги чувствуваме сите ние, пред сè тука мислам на лошата, политичка, економска состојба во државава, изминатата тригодишна пандемија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Вклучително и лошото справување и менаџирање ковид-пандемијата која што го зафати целиот свет, ја зафати Европа. Цела Европа излегува ги отвора границите, се нормализира животот, за жал кај нас допрва ги очекуваме најголемите пикови и бележиме рекорди по бројот на луѓе кои што за жал го губат својот живот“,
рече Мицкоски додавајќи дека во наредниот период ќе се обидат ширум Македонија да ја презентираат програмата и да убедаш што е можно повеќе граѓани во нивната мисија.
Артан Груби од ДУИ, пак, денеска од Скопје соопшти дека партијата ги отвора општинските штабови во повеќе населени места, каде ќе се бара поддршката од граѓаните за нивната идеја за премиер Албанец. Нашите штабови се ваш дом, им порача Груби на граѓаните денеска од плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Тој најави дека сите штабови на ДУИ ќе бидат на отворено и го повика членството и граѓаните воопшто, максимално да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
