Од Брисел велат дека ја следат ситуацијата, но остануваат на ставот дека правилата не се нови. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, вели дека системот за влез-излез само обезбедува подобра контрола на постојните правила

Блокадите на граничните премини низ државава продолжуваат и денеска, како дел од протестот на камионските превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната ЕЕС и правилото 90/180 дена, кое, според нив, ја парализира нивната работа.
Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон Шенген-зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај функционира непречено.
Превозниците сметаат дека системот ЕЕС ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат посебен статус и да не се третираат како туристи при влез во блокот.
Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ на првиот ден од протестот што стартуваше вчера напладне рече дека целта не е да се заглави домашната економија, туку аларм до Брисел.
„Не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго“,
рече Муратовска.
Таа потсети дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.
Од Брисел велат дека ја следат ситуацијата, но остануваат на ставот дека правилата не се нови. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, вели дека системот за влез-излез само обезбедува подобра контрола на постојните правила.
„Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела“,
изјави Ламерт.
Министерот за транспорт Александар Николоски, кој вчера на граничниот премин „Блаце“ даде поддршка на протестот на превозниците, рече дека ова предупредување доаѓа навреме и порача февруари и март максимално да се искористат и земјите членки на Шенген-зоната да изнајдат решение.
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, вчера на седницата на претставувањето на приоритетите на кипарското претседателство, побара од амбасадорот на Кипар за земјата, Андреас Фотиу, да го стави на дневен ред во Брисел протестот на камионџиите, кои за денеска најавија блокада на границите кон ЕУ.
