„Нашите барања се јасни. Признавање на возачите како ‘мобилни работници’, чиј статус е верификуван со Сертификати за професионална компетентност (CPC). Исто така и заедничка акција со државниот врв. Упатуваме итен апел до Владата и ресорните министерства да го поддржат нашиот дијалог со Брисел преку официјални државни дописи и состаноци со надлежните во Европската комисија“, изјави Оливера Миовска, претседател на „Бест мобилити – НТА“
Товарниот сообраќај и натаму останува блокиран поради протестот на транспортните превозници од Западен Балкан кои од завчера поставија камиони на граничните премини кон земјите Шенген-зоната, барајќи Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во зоната.

Првичните проценки на коморите се дека штетите од блокадите дневно изнесуваат 100 милиони евра за регионот од кој во протестот се вклучени камионските превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави оти очекува да се надмине проблемот на македонските превозници, прашање кое, како што рече, е отворено уште од септември со Европската комисија (ЕК).
Тој соопшти дека побарал телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во обид да се изнајде решение за механизмот на ЕУ за престој на превозниците во земјите од Шенген-зоната.
Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната и правилото 90/180 дена, кое, според камионските превозници ја парализира нивната работа.
„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на општина Гази Баба.
Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на РС Македонија „Макамтранс“, веќе укажаа дека нема економска оправданост да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила.
„Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците“
изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макамтранс“.
Во меѓувреме, на проблеми поради новиот начин на евиденција укажаа и возачите на автобусите во меѓународниот превоз од каде апелиарат до европските институции за фер и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.
„Нашата заложба е идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата “Макамтранс“ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството“,
изјави вчера претседателот на Асоцијацијата ‘Исток’, Горан Трпковски.
И Македонската национална транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“ укажа дека блокадите на граничните премини се израз на револт на професионалните возачи и барање да се слушне нивниот глас за еднаков третман со возачите од ЕУ, порачувајќи дека решението треба да се бара во Брисел.
„Нашите барања се јасни. Признавање на возачите како ‘мобилни работници’, чиј статус е верификуван со Сертификати за професионална компетентност (CPC). Исто така и заедничка акција со државниот врв. Упатуваме итен апел до Владата и ресорните министерства да го поддржат нашиот дијалог со Брисел преку официјални државни дописи и состаноци со надлежните во Европската комисија. Искуството од состаноците во Европскиот парламент ни дава насока дека борбата за транспортниот сектор се добива со аргументи во институциите, со предлог на конкретни решенија и нивна брза реализација. Затоа, ги повикуваме и надлежните во нашата држава, а и превозниците кои се насомнено најпогодени од сето ова што сега се случува во патниот транспорт во регионот на Балканот на единство во овие напори за да ја сочуваме стабилноста на македонскиот транспорт“,
изјави Оливера Миовска, претседател на „Бест мобилити – НТА“.
