Иако Владата тврди дека камерите не препознаваат лица, туку само бројат дали се почитува оваа задолжителна мерка, организациите за заштита на човековите права сметаат дека ова е авторитарна мерка која е спротивна на ЕУ регулативата
Француската влада одобри употреба на надзорни камери, за да регистрираат колку патници во јавниот превоз носат заштитни маски.
Оваа нова владина уредба им овозможува на јавните превозници да користат интелигентен видео-систем за мерење на стапката на оние кои носат заштитна маска во превозното средство.
Француското надзорно тело за заштита на податоци објави дека овие „паметни“ камери ќе се користат во автобуси, подземни железници и возови, за да се добие увид во тоа колку патниците ја почитуваат мерката за задолжително носење заштитна маска.
За да се избегне можноста од злоупотреби, камерите ќе го регистрираат само бројот на луѓе кои носат маски, без да идентификуваат лица.
Слична иницијатива беше предложена уште лани во декември, но Владата се повлече откако Телото за заштита на податоци предупреди дека претставува ризик за „поткопување на демократското општество“ и дека нема јасна законска рамка со која може да се оправда.
Сепак, Агенцијата подоцна соопшти дека одлучила да ја одобри програмата за надзор, бидејќи владата дала јасни гаранции за целта на системот и е утврдено дека камерите нема да „обработуваат биометриски податоци“ и не се уреди за препознавање на лица.
Но организациите за граѓански права продолжија со критиките дека се работи за авторитарна мерка, дека Владата ги крши законите на Франција, како и регулативите на ЕУ во врска со обработката на личните податоци.
