Од одбраната на бизнисменот Орце Камчев поднеле кривични пријави и претставки за несовесно работење против Судијата на претходна постапка и Кривичниот совет, кои одлучија за продолжувањето на мерката притвор. Во писмо до медиумите адвокатите велат дека притворот е одреден врз основа на усмен исказ на доушник и дека до сега на одбраната не и била презентирана белешката составена од АНБ. Во решението на Кривичниот суд, како што велат , било посочено дека Камчев во февруари годинава се сретнал со разузнавач од Бугарија, припадник на служба за безбедност со која и претходно соработувал и се претпоставува дека ќе има поддршка за бегство во соседна Бугарија.
„Ваквата интерпретација на судот е срамна и навредлива за г-дин Јордан Камчев. Г-динот Јордан Камчев е македонски бизнисмен кој целокупониот свој капитал го има во РС Македонија и директно вработуа над 3000 луѓе, во буџетот на РСМ по однос на различни даноци и придонеси годишно исплаќа 18.500.000 милиони евра, додека по основ на плати за вработени преку своите компании исплаќа бруто вредност од 30.200.000 милиони евра и никогаш ниту бил ниту имал намера да биде соработник на било каква странска служба“
пишува во писмото од одбраната на Камчев.
Камчев поднел кривична пријава и против обвинителката во случајот „Империја“, Лиле Стефанова , а бараат и нејзино изземање.
„Уште еден доказ за пристрасно, незаконско, скандалозно и тендециозно судење е и тоа што во предлогот на Обвинителката за продолжување на притворот навела десетици фирми во странство и оф-шор компании тврдејќи дека се во сопственост на г-дин Јордан Камчев што е ноторна лага и за истото до судот се доставени докази. Истовремено, обвинителката тврдела и дека г-дин Јордан Камчев поседува и стан во Бугарија што исто така е ноторна лага и истото е опфатено во жалбата која ја доставува одбраната на г-дин Камчев“
пишуваат адвокатите.
Камчев е приведен на 14 март годинава како осомничен за предметот „Плацеви на Водно “ ,односно за помагање во незаконското купување на плацевите на поранешниот премиер Никола Груевски.