Денеска продолжи судењето за предметот „Плацови на Водно“
Со изведување материјални докази од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно“.
Јавната обвинителка Лиле Стефанова ги презентираше нотарски заверки на документи и потврди за плаќања од извршени купопродажби.
Но, на почетокот на денешното рочиште одбраната на обвинетиот Јордан Камчев предложи да се укине мерката притвор или таа да се замени со куќен притвор.
„Имав времен пасош од мај 2019 до ноември 2020 година и го користев 56 пати за службени патувања. Последен пат го користев четири дена пред истекот, за итно патување во Истанбул, за што е информиран и министерот Спасовски. Да сум сакал да бегам, ќе сум бегал“,
изјави обвинетиот Камчев.
Според него, обвинителката Стефанова во сите шест барања за промена на определените мерки ги манипулира податоците, за што, рече дека ќе има и посебна постапка против неа.
„За белешката од АБН сум подготвен веднаш да одговарам на полиграф. Второ, обвинителката манипулира дека јас поседувам фирми во Србија, Хрватска, Косово и Русија, за кои доставивме податоци од централните регистри од овие држави дека сите овие компании се затворени, со што се покажува дека доставените докази од Обвинителството се лажни и неточни“,
изјави Камчев.
Тој потсети дека, иако досега понудил неколку милиони гаранција, во пари, имот и акции, повторно седум месеци седи во притвор во затворот во Шутка и затоа побара од судот да му определи потребна банкарска гаранција или кауција, што ќе му овозможи да се брани од слобода или од домашен притвор.
Неговиот бранител адвокат Гоце Ристески посочи дека за обвинетиот доставена е и обемна медицинска документација, за постоење сериозни импликации за ризик од кардиоваскуларна смртност.
Судијата Илија Трпков, пак, одговори дека ваков предлог изнесува на почетокот, а не на крајот од рочиштето, како што е пракса, и дека Судот по предлогот ќе се произнесе на крајот на денешното рочиште.
Судијата, исто така, праша кој ја подготвува диеталната храна што се доставува на обвинетиот, бидејќи рече дека Судот добил известување оти при претрес на храна за обвинетиот Јордан Камчев откриени се пури и ножички за сечење пури.
За ова, исто така, судијата рече дека ќе се произнесе на крајот од главната расправа.
Камчев досега во два наврати се обиде со кауција да излезе од истражниот затвор во Шутка, но и во двата случаи тоа му беше одбиено.
Во предметот, освен Камчев, обвинети се и експремиерот Никола Груевски, бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прекривал вистинскиот сопственик.
Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.