Одбраната на бизнисменот Јордан-Орце Камчев испратила отворено писмо до 47 министри за надворешни работи на Советот на Европа со кое бара неговиот случај да биде ставен под меѓународен мониторинг.
Камчев се наоѓа во притвор како осомничен во истрагата „Плацови на Водно“, а е дел и од осомничените во предметот „Империја“, меѓутоа неговата одбрана смета дека неговото лишување од слобода било противзаконско.
„Поради молкот на македонските институции во овој случај, до кои повторно апелираме да започнат да постапуваат согласно својот професионален интегритет, одбраната на господинот Јордан Камчев бара меѓународен мониторинг на случајот односно овој случај да биде дел од процесот на мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа“,
тврди неговата одбрана во соопштението испратено до медиумите.
Причините од кои бараат мониторинг, како што наведува адвокат Тони Менкиноски, е што според нив круцијалниот доказ – белешката од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека се подготвува за бегство, е незаконит и не смее да биде доказ во кривична постапка, а дополнително го обвинуваат и судот дека не им го дава на увид.
Тврдењето на одбраната е дека информацијата на АНБ е спротивна на членот 43 од Законот за Агенцијата за национална безбедност и затоа не смее да се употребува како доказ. Одбраната се жали и дека врз неа се прават јавни напади и притисоци преку соопштенија и изјави со кои се дискредитира целокупниот предмет, иако директно не посочува за кои соопштенија и изјави станува збор.
Камчев заврши во притвор на 14 март 2021 како осомничен во случајот „Плацови на Водно“. Мерката беше побара откако обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека бизнисменот се подготвува за бегство. Пред десетина дена на барање на обвинителството, судот му ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена.
Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев, осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева …
Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милион евра.
Неодамна, во рамки на истрагата обвинителството вршеше претрес и во станови што се поврзуваат со Груевски.
Истрага во меѓувреме дојде до завршница. Како што соопшти републичкиот обвинител Љубомир Јовески во гостување на Телма ТВ минатата недела, обвинителството веќе ги изготвува известувањата за завршена истрага, а замрзнат е и дополнителниот имот кој се поврзува со Груевски. Во тој јавен настап, Јовески беше на ставот дека нема ништо спорно во постапувањето на АНБ.
