Во врска со разрешувањето на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кој се најде на американската „црна листа“, претседателот на Судскиот совет, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека Беџети има право на жалба пред Жалбениот совет при Врховниот суд доколку има забелешки на одлуката
Судскиот совет нема ингеренција да се меша во секоја судска одлука вели претседателот на Советот, Александар Камбовски, прашан за коментар на одлуката на Апелацискиот суд Скопје на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, да му биде издаден времен пасош откако постојната патна исправа му беше одземена во рамките на истрагата за злоупотребите со мазутот за ТЕЦ „Неготино“.

Во врска со одлуката на Апелација, Камбовски рече дека од она што го следел од медиумите, согласност на Јахоски да му биде издаден времен пасош ја дало надлежното Основно јавно обвинителство.
„Тоа е судска одлука, а од она што го следев од медиумите, таму согласноста ја дало Основното јавно обвинителство. Судскиот совет нема ингеренција да се меша во секоја судска одлука бидејќи дневно се носат илјадници судски одлуки“,
рече претседателот на Судскиот совет одговарајќи на новинарско прашање за време на паузата на денешната седница на Советот, пренесе МИА.
Дека на Јахоски му е издаден пасош во понеделникот први реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ барајќи одговорност од судиите што овозможиле сопственикот на „Пуцко петрол“ да патува надвор од државата, иако од опфатен во истрага за сериозен криминал.
Ден претходно на фејсбук-профилот на градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски, беа објавени фотографии на кои се гледа дека Јахоски се наоѓа во Истанбул, Турција, и присуствува на дипломирање на член од семејството.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека Јахоски извршил излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење, издадена по претходно донесено решение на Апелациониот суд од 29 мај 2025 година, со кое се дава согласност на Јахоски да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење.
Тој, како што информираа од МВР, ја напуштил државата на граничниот премин „Богородица“ на 30 мај и се вратил преку истиот премин на 2 јуни.
Од Основниот кривичен суд Скопје во понеделникот соопштија дека Јахоски дента ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот, како дел од мерките за претпазливост.
Оттаму појаснија дека во текот на мај, одбраната на осомничениот поднела барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање било одбиено од Кривичниот суд. По жалба, предметот бил доставен до Апелацискиот суд Скопје.
Апелација го објави решението со кое се дозволува на Јахоски да му биде издаден пасош со ограничен рок на важност. Во образложението на одлуката се наведува дека советот на второстепениот суд ги ценел жалбените наводи, мислењето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое било позитивно, како и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје од 27 мај со кој се предлага жалбата на осомничениот да се уважи.

Според решението, времениот пасош на Јахоски е со рок на важност од шест месеци и тој е должен три дена пред истекот на рокот да го остави во Основниот кривичен суд Скопје.
Инаку, претходно на 6 мај годинава Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јахоски и му ја укина мерката притвор што претходно му ја одреди Кривичен, прифаќајќи ја гаранцијата од над два милиони евра во недвижен имот.
Од Апелација тогаш посочија дека спрема осомничениот се определени мерки на претпазливост, односно тој има обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, а привремено ќе му биде одземена постојната патна исправа и ќе има забрана за издавање на нова.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.

Претседателот на Судскиот совет беше прашан и за разрешувањето на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кој се најде на американската „црна листа“.
Беџети беше разрешен од судиската функција минатата недела, но, како што кажа денеска Камбовски, тој има право на жалба доколку има забелешки на одлуката.
„Секој судија којшто е разрешен има право на жалба до жалбениот совет при Врховниот суд. Тоа е посебен совет кој е составен од врховни, апелациски и основи судии“,
рече Камбовски.
Беџети, заедно со ексвицепремиерот Артан Груби, на почетокот на декември 2024 година се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Во ноември 2023 година, кога Судскиот совет решаваше за утврдување одговорност кај судијата Беџети поради тоа што повеќе од девет месеци во фиока го чуваше предметот за масовното незаконско прислушување „Таргет-Тврдина“, постапката заврши само со парична казна за него, а не и разрешување.
Судскиот совет лани повторно отвори постапка против Беџети, која заврши на 26 мај годинава со одлука за негово разрешување.