Камбовски истакна дека иако за предлозите дознале од медиумите, има целосна верба во претседателката како правник и професор

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска изрази поддршка за новите кандидатки за членови на Советот предложени од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека очекува професионализам и придонес во работата на ова тело.
Одговарајќи на новинарски прашања за предложените имиња кои треба да влезат во собраниска процедура, Камбовски истакна дека иако за предлозите дознале од медиумите, има целосна верба во претседателката како правник и професор.
„Претседателката е пред сè правник и професор. Не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека избрала вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет, доколку ја добијат довербата од Собранието“,
изјави Камбовски.
Во однос на новиот Закон за Судски совет, како учесник во работната група за негова подготовка, Камбовски изрази оптимизам дека финалната верзија на законот ќе донесе „квалитетна промена“ во функционирањето на судството.
„Го анализираме повторно и гледаме кои нешта ќе бидат променети. Се надеваме дека неговата имплементација ќе придонесе за многу поефикасно работење на Советот“,
додаде тој.
Во Собранието веќе се доставени материјалите за две кандидатки кои треба да пополнат места во највисокото судско тело.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ се предлозите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за членови во Судскиот совет.
Сега за овие предлози треба да се изјаснат пратениците во Собранието.
Предлозите на претседателката доаѓаат по усвојувањето на новиот Закон за Судски совет кон крајот на минатата година, кој ги заостри условите и процедурата за избор на членови на ова тело.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Се смета за клучен орган во судскиот систем на земјата, одговорен за избор и разрешување на судиите и претседателите на судови и за оценка на нивната работа.
