Камбовски во вечерашното гостувањето во централниот Дневник на ТВ Сител потврди дека во Судскиот совет пристигнал допис кој се однесува на ова прашање, но досега не го разгледале заедно со другите негови колеги, поради што, како што кажа, во моментов може да го каже само неговиот личен став
„Не знам каков став ќе заземеме. Чисто формално ако гледаме, според мене нема пречки судијката да ја извршува функцијата в.д. претседател во моментов, бидејќи таа воопшто не постапува по конкретниот предмет што го споменавте. Таа нема никакви ингеренции во тој предмет“, рече претседателот на Судскиот совет
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски смета дека нема пречка судијката Даниела Димовска да ја извршува функцијата в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје и покрај тоа што нејзиниот брат е еден од осомничените во истрага поврзана со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кое на 16 март лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Ова како што кажа Камбовски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во централниот Дневник на ТВ Сител е негов личен став.
Имено, покрај другите актуелни теми, претседателот на Судскиот совет во интервјуто беше прашан и за реакциите на дел од невладините организации кои го повикаа Советот да отвори предмет и да дискутира за можниот конфликт на интереси и можното влијание на Димовска врз порцесот во кој е осомничен нејзиниот брат.
Камбовски, одговарајќи на прашањето, потврди дека таков допис пристигнал во Судскиот совет, но досега него разгледале заедно со другите негови колеги, поради што, како што кажа, во моментов може да го каже само неговиот личен став.
„Тоа што сега ќе го изнесам е мој личен став, значи не е став на Судскиот совет. Не знам каков став ќе заземеме. Чисто формално ако гледаме, според мене нема пречки судијката да ја извршува функцијата в.д. претседател во моментов, бидејќи таа воопшто не постапува по конкретниот предмет што го споменавте. Таа нема никакви ингеренции во тој предмет. Друг судија го суди и таа како претседател на судот нема никаков допир со предметот“,
рече Камбовски.
Аргументирајќи го својот став, тој додаде дека во Кривичниот суд во Скопје има голем број вработени и ако се оди по таа логика, тогаш ќе излезе дека никој од судиите таму не може да суди, поради што ќе треба да биде изземен целиот суд од постапување.
„Не знам колку точно има вработени во Кривичниот суд, има многу вработени, и ќе излезе дека никој не може да суди ако некој роднина или било кој дојде во судот, па сега цел суд да го изземаме“,
кажа претседателот на Судскиот совет.
На забелешка на новинарката дека од постапките за предметите поврзани со пожарот во „Пулс“ се изземени судовите во Кочани и во Штип, Камбовски рече дека Кочани е помало место, каде речиси секој е засегнат од последиците од пожарот.
„Секој од нив е засегнат дали со повреден, дали со починат во таа несреќа и нормално е да не можат тие да го судат (тој предмет). Тоа е прво, а второ е тоа што таму нема ниту просторни услови да се одржи тоа судење. Гледате дека и во Скопје нема просторни услови, судењето се одржува во судницата во Идризово. Пак ќе кажам, ова е мое лично мислење. Сметам дека тоа што брат на в.д. претседателката на судот е дел од осомничени не е никаква пречка“,
рече претседателот на Судскиот совет.
Одговарајќи на дополнително прашање во истиот контекст, Камбовски кажа дека за разлика од Обвинителството, каде што постои хиерархија и субординација, судиите се целосно независни, односно претседател на суд не може да влијае на судија.
„Не може претседател на суд на влијае на судија, не можам јас како претседател на Судскиот совет да влијаам на судија, не смеам да го правам тоа. Доколку некој од таква позиција влијае на некој судија, тогаш тоа не само што не е во ред, туку станува збор за нешто друго. Повторно ќе кажам в.д. претседателката (на Основниот кривичен суд Скопје) воопшто не е вклучена во работата на овој предмет“,
наведе Камбовски.
Форумот за разумни политики (ФРП) минатата недела во својот прв анализран случај во рамките на Индексот за политички интегритет (ИПИ) и даде негативна оценка во категоријата етичка култура, на в.д. претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска бидејќи во една од истрагите што ги отвори Обвинителството во врска со трагичниот пожар е осомничен нејзиниот брат.

Од Форумот за разумни политки потсетија на сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија која во септември лани објави текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
На 20 ноември лани Основното јавно обвинителство Кочани отвори истрага против 11 лица, меѓу кои и даночни инспектори во штипската дирекција на Управата за јавни приходи кои се осомничени дека примале мито од сопствениците на т.н. кабаре за да им дојавуваат кога ќе има инспекциски контроли.
„Веројатно како резултат на истражувачката новинарска сторија што изнесе на виделина докази за корупција, односно примање/давање мито, се отвори истрагав во која е опфатен и инспекторот Драган Паунов, брат на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска. Иако овој предмет не се спојува со актуелниот предмет за пожарот во дискотеката ‘Пулс“, затоа што не постои поврзаност со штетната последица, сепак, самиот сомнеж за корупција поврзан со работата на дискотеката ‘Пулс’ и барањето на Основното јавно обвинителство за ефективен притвор за Драган Паунов претставува индикатор за неговата вмешаност во незаконската работа на дискотеката“,
наведоа од Форумот за разумни политики во анализата.
Дополнителен сомнеж за незаконско и неетичко влијание, како што посочија оттаму, фрла и фактот што барањето за ефективен притвор е одбиено и на Драган Паунов му е определен домашен притвор, кој потоа е исто така укинат и во моментов му се определени мерки на претпазливост и можност да се брани од слобода.
Одбраната на Паунов и в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, негираа можно нивно влијание врз одлуката на судот
Во препораката до Судскиот совет, кој ја избра Димовска за в.д. претседателка на скопскиот Кривичен суд, се наведува дека тој може да отвори предмет и да дискутира за можниот конфликт на интереси и можно влијание врз процесот во кој е осомничен нејзиниот брат. Судскиот совет, се додава, има директна надлежност да донесе и одлука за нејзино повлекување/разрешување, на истиот начин како што го извршил и нејзиниот избор.
