Изјавата на претседателот на Судскиот совет следува откако претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски јавно побара од Судскиот совет да го разгледа работењето на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој вчера го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора
Судскиот совет побара увид во предметот за пресудата во врска со смртта на 22-годишната Теодора Ристовска која беше прегазена во сообраќајна несреќа во Тетово во 2022 година.
Ова во изјава за МИА денеска го изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“,
изјави претседателот на Судскиот совет.
Неговата изјава следува откако претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски јавно побара од Судскиот совет да го разгледа работењето на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој вчера го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора.
Покрај премиерот, и министерот за правда Игор Филков изјави Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата поради реакциите што во јавноста ги предизвика одлука на судијата Ферати.
Сообраќајната несреќа во која Менсур Пајазити смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска се случи во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.