При донесувањето на одлуката за зголемување на каматната стапка за 0,25 проценти, информираат од Народната банка, биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, која и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања
Најновите податоци за април, според централната банка, упатуваат на тоа дека годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции
По априлското зголемување на каматната стапка, Народната банка стапка сега изврши дополнително зголемување за 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.
При донесувањето на ваквата одлука, информираат од Народната банка, биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.
„Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и влијае врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“,
се вели во соопштението од НБ.
Најновите податоци за април, според централната банка, упатуваат на тоа дека годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.
Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво, додаваат од НБ, и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи, а овие преносни ефекти, додаваат оттаму, се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо.
„Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката“,
појаснуваат од Народната банка.
Од НБ посочуваат оти се забележува и сезонски поголема понуда на девизи, а според првичните податоци за април, годишниот раст на кредитите е солиден, при поумерен раст кај депозитите. Притоа, кај депозитите на населението се забележува раст на месечна основа во април.