„Ќе продолжиме во текот на ноќта да следиме за да се осигураме дека секој глас ќе се брои, дека секој глас ќе биде избројан“, велат од изборниот штаб на Харис
Кандидатката на демократите и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис, нема да се обрати пред нејзините поддржувачи на Универзитетот Хауард. Таа за изборните резултати се очекува да зборува утре, соопштуваат од нејзиниот тим.
„Имаме уште гласови за броење. Имаме уште држави кои се уште не се готови. Ќе продолжиме во текот на ноќта да следиме за да се осигураме дека секој глас ќе се брои, дека секој глас ќе биде избројан“,
рече Седрик Ричмонд, копретседател на нејзиниот изборен штаб пред поддржувачите собрани на Универзитетот Хауард.
Од друга страна, пак, нејзиниот противкандидат Доналд Трамп се обрати пред неговите поддржувачи откако првичните проекции од резултатите на изборите покажуваат дека тој ќе биде 47. претседател на САД.
Проекциите што ги објавуваат американските медиуми покажуваат дека Трамп од 95 отсто од преброените гласови во оваа држава, води со 50,9 отсто, а неговата противкандидатка Камала Харис има 48 отсто од гласовите. Според Фокс њуз, Трамп веќе може да се прогласи за ново-стар претседател на САД.
Поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп победи во Северна Каролина, како и во Џорџија, две од клучните држави што традиционално не се определени ниту за една партија, со што го трасираше патот до победа на претседтелските избори во САД.
Трамп победи и во Пенсилванија, една од клучните држави важни за овие избори, со што го трасираше патот да стане ново-стар претседател на САД, објави Си-ен-ен.
Трамп стана првиот републиканеец што ја освоил Пенсилванија, по Џорџ Буш во 1988 година.