Тековните тестирања се таргетирани во познати кластери и затоа бројките се поголеми, а тоа значи дека се тестира во точно утврдени фамилии, населби и дека здравствениот систем добро знае што прави, смета Снежана Калеска – Ванчева координаторка на Форумот на жени на СДСМ.
Според неа, македонското здравство има капацитет и успешно се справува со вирусот ковид-19 и во услови кога има покачување на бројот на новозаразени.
„Здравствените установи не се оптоварени, капацитетите се празни, а голем дел од новозаразените се или без симптоми или се со благи симптоми и се на домашно лекување, појава што ја има и во други земји. Но сепак, останува заедничката одговорност да се заштитиме од коронавирусот. Изборот е јасен – или ќе ги почитуваме мерките за заштита или ќе мора повторно да се враќаме на рестриктивни мерки, како што е карантинот или полицискиот час“,
рече таа на денешната прес-конференција.
Според Калеска-Ванчева, сите овие поголеми бројки, на кои сведочиме деновиве, се директна последица на неколку фактори.
„Прво од неработењето и саботирањето на мерките од страна на Наќе Чулев. Наместо да преземе одговорност да се спроведуваат мерките и задолженијата Чулев јавно порача дека нема да казнува и со тоа поттикна масовно кршење на мерките. Целата јавност ги гледаше масовните прекршувања на забраните за собири и движења и многубројните прекршувања на полицискиот час, само Чулев ги игнорираше и свесно не преземаше ништо“,
рече Калеска-Ванчева.
