На самитот во Алјаска, Калас рече дека Путин добил сè што сакал и дека тоа ќе влијае на неговиот интерес за преговори за мировен договор

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас ги предупредува западните лидери дека притискањето на Украина да отстапи територии на Русија како дел од идниот мировен договор е стапица во која Путин сака да влеземе.
На самитот во Алјаска, Калас рече дека Путин добил сè што сакал и дека тоа ќе влијае на неговиот интерес за преговори за мировен договор.
„Путин само се смее, не го запира убивањето, туку го зголемува. Забораваме дека Русија не направила ниту една отстапка“,
изјави Калас за програмата „Тудеј“ на Би-би-си.
Таа ги отфрла шпекулациите за откажување на Украина од делови од својата територија велејќи дека ова е токму стапицата во која Русија сака да западнеме.
„Тие сакаат дискусијата да биде сè за тоа од што треба да се откаже Украина, какви отстапки е подготвена да направи Украина, додека ние забораваме дека Русија не направила ниту една отстапка. И тие се оние кои се агресорот тука. Тие се оние кои брутално напаѓаат друга земја и убиваат луѓе таму“,
додава Калас.
Затоа, таа вели дека треба да се задржи фокусот таму каде што мора и да се изврши притисок врз Русија за да дојдат на преговарачката маса.
„Какви отстапки во преговорите прават Русите во моментов? Тие само ги зголемија своите цели и желби“,
вели Калас.
Таа рече дека од земјите членки на „коалицијата на подготвените“ зависи како би можеле да придонесат и дека сè уште не е јасно во каков капацитет ќе дејствуваат тие сили.
Лидерите на клучните земји од ЕУ, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија и Финска, му се придружија на украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговори во Белата куќа минатата недела, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп имаше средба со неговиот руски колега Владимир Путин во воена база во Алјаска.