Таа истакна дека актуелната ситуацијата во Газа претставува катастрофален неуспех на човештвото и ја повика израелската Влада веднаш да ги отстрани сите хуманитарни ограничувања
Подобрувањето на хуманитарната ситуација во Газа, на што постојано работиме, не зависи од признавањето на државата Палестина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по средбата на шефовите на дипломатиите на Унијата со нивните колеги од Бразил, Индија и Мексико, што се одржа синоќа во Њујорк.

„Сите европски земји го поддржуваат решението за две држави. Значи, за да имаме две рамноправни држави, преземени се чекори од некои земји-членки во врска со признавањето, со цел да се испрати јасен сигнал дека европските земји ги поддржуваат и Палестинците во овој конфликт“,
рече Калас.
Според неа, министрите биле јасни во своите ставови дека решението за две држави е најдобрата шанса за траен мир на Блискиот Исток, бидејќи поддршката на овој модел значи дека всушност постојат и Израел и Палестина.
„Тоа значи безбеден и сигурен Израел и одржлива палестинска држава“,
додаде Калас.
Таа истакна дека актуелната ситуацијата во Газа претставува катастрофален неуспех на човештвото и ја повика израелската Влада веднаш да ги отстрани сите хуманитарни ограничувања.
„Јасно е дека Хамас мора да го положи оружјето и да ги ослободи сите заложници, но и проширувањето на доселеничките населбите и анексијата на територии се некомпатибилни со мирот. Во Европската Унија се обидуваме да го насочиме фокусот кон помагање на луѓето на терен и вистинско подобрување на хуманитарната ситуација. Ние сме најголемиот донатор на хуманитарна помош и силен поддржувач на Палестинската самоуправа“,
рече Калас.
Високата претставничка на ЕУ додаде дека на состанокот станало збор и за војната во Украина, нагласувајќи дека со секој руски воздушен напад се намалуваат перспективите за мир.
„Русија покажува апсолутен презир кон секој обид за дипломатија. Постојаните нарушувања на воздушниот простор на Европската Унија од страна на Москва се неодговорни, опасни и ризични ситуации што можат да излезат од контрола, а ние треба да бидеме цврсти“,
рече Калас, додавајќи дека во тој правец е и новиот пакет санкции кон Русија, што Европската комисија го предложи во петокот.
На состанок станало збор и за односите на ЕУ со Бразил, Индија и Мексико и за заштита на меѓународниот поредок базиран на правила.