Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност вели, приоритет на ЕУ е да ја гарантира безбедноста во регионот и да се ангажира да работи со сите конструктивни партнери во Сирија и пошироко во регионот

Според високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, позитивен и долгоочекуван развој е падот на Башар ал Асад во Сирија.
Според неа, крајот на диктатурата на Асад ја покажува исто така слабоста на неговите поддржувачи Русија и Иран.
Калас го сподели ваквото мислење на мрежата Икс.
Таа додаде дека приоритет на ЕУ е да ја гарантира безбедноста во регионот и да се ангажира да работи со сите конструктивни партнери во Сирија и пошироко во регионот.

„Процесот на обнова на Сирија ќе биде долг и сложен и сите страни мора да бидат подготвени да се ангажираат на конструктивен начин“,
напиша високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Нејзината реакција следи откако сириските бунтовници претходно денеска објавија дека ја презеле контролата врз главниот град Дамаск, прогласувајќи го за „слободен“, откако започнаа офанзива која брзо напредуваше низ целата земја во последните неколку денови.
Претходно реакција имаше и францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој ја поздрави веста за падот на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, наведувајќи дека „варварската држава конечно паднала“.
