За време на посетата на Србија и Косово, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи порача дека нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе остане приоритет на Европската Унија и најави дека ќе ги повика Белград и Приштина на разговори во Брисел
Нормализацијата на односите ќе остане приоритет за Европската Унија пред идните чекори за интеграција во Унијата – порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за време на денешната посета на Србија и Косово.

Европската претставничка порача дека договорот меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ постигнат во Охрид во март 2023 година треба да го применуваат двете страни.
За Србија, Калас рече дека нормализацијата на односите со Косово не е само подобрување на релациите, туку дека е фундаментална за европската иднина на државата. За обврските на Косово, таа порача дека нормализирањето на односите е единствениот пат кон побезбедна и просперитетна иднина за граѓаните од овој регион.
„Стабилноста зависи од дијалогот, а не од конфронтацијата“,
додаде Калас.
За време на денешната посета на Србија, Калас ја истакна својата намера што е можно поскоро да ги покани претставниците на Белград и Приштина во Брисел за да разговараат за конкретни чекори кои би го придвижиле дојалогот меѓу двете земји.
Во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан, високата претставничка на ЕУ утре ќе биде во посета на С Македонија каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.