Во однос на барањата за територијални отстапки од страна на Украина во текот на преговорите, Калас рече дека само Киев може да одлучи за условите за кој било мировен договор. Според неа, отстапки треба да направи агресорот, а не жртвата на агресијата, па затоа не може да се изедначуваат двете страни
Додека траат мировните преговори за Украина, вршењето поголем притисок врз Москва и доставување поголема поддршка за Киев се главните приоритети на Европската Унија (ЕУ). Ова попладнево го изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика на прес-конференција, Каја Калас, по завршувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Според Калас, ЕУ мора да направи повеќе за да ја зајакне одбраната на Украина и нејзината улога во преговорите, во услови кога Русија, од друга страна, продолжува да го отфрла мирот.
„Министрите (за надворешни работи на земјите членки на ЕУ) беа јасни дека секој мировен договор мора да вклучува силни безбедносни гаранции бидејќи ако Украина е под притисок да се откаже од НАТО, тоа ќе биде единствената заштитна мерка за да ја одврати Русија од нова агресија“,
рече Калас.
Во врска со зајакнувањето на притисокот врз Москва, таа ги посочи одлуките за проширување на листата на санкционирани поради поврзаност со т.н. руска флота во сенка, како и за санкциите поврзани со хибридните активности на Русија и Белорусија.
„Пораката е јасна. Оние што ја загрозуваат нашата безбедност се соочуваат со последици“,
додаде Калас.
Таа потенцира дека ова е одлучувачката недела за финансирање на Украина и во тој контекст, според неа, земјите членки донеле правилна одлука за блокирање на замрзнатите руските средства на долг рок, а в четврток на Самитот на ЕУ ќе треба да се одлучи за финансиската поддршка на земјата за 2026 и 2027 година.
„Поддршката на Украина чини пари. Тоа е многу јасно. Но, ако се дозволи Украина да не успее, тоа би нè чинело многу повеќе“,
рече Калас, пренесе МИА.
Во однос на т.н. заем за репарации, таа рече дека министрите имале куса дискусија и за тоа, додавајќи дека ова прашање ќе го разговараат лидерите на ЕУ на Самитот в четврток. Според неа, овој заем би можел да претставува пресвртница во оваа војна, бидејќи би ѝ покажал на Русија дека мора да го сноси товарот за штетите што ѝ ги нанесе на Украина.
Калас нагласи и дека од клучно значење за траен мир е Русија да одговара за извршените злосторства, па за таа цел утре во Хаг ќе биде формирана Комисија за разгледување на барањата за воени штети предизвикани од руската агресија.
„Русија нема да избегне да плати за домовите, училиштата и болниците што ги уништи“,
рече високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Во однос на барањата за територијални отстапки од страна на Украина во текот на преговорите, Калас рече дека само Киев може да одлучи за условите за кој било мировен договор. Според неа, отстапки треба да направи агресорот, а не жртвата на агресијата, па затоа не може да се изедначуваат двете страни.
„Притисокот треба да биде врз агресорот, а не само врз жртвата, затоа што жртвата не направила ништо лошо. Очекуваме да се изврши притисок врз Русија, бидејќи повторно не ги гледаме дека таа доаѓа на преговарачката маса и дека преговараа со добра волја или дека воопшто преговара“,
рече Калас.

Таа додаде дека на состанокот министрите разговарале и за вчерашните „антисемитски напади“ во Австралија, при што многу јасно ја истакнале европската позиција дека порастот на антисемитизмот насекаде во светот мора да се осуди.
На расправата за Блискиот Исток, главниот фокус бил на состојбата во Сирија една година по падот на режимот на Башар Асад, при што, како што нагласи Калас, било оценето дека земјата сè уште се соочува со огромни предизвици како наследство од конфликт, вклучително и проблеми со инклузивноста, со недостигот на соодветни институции и со владеењето на правото.
„Разговаравме за состојбата со транзицијата во Сирија и како може подобро да ги поддржиме безбедносниот сектор, реформите и трговијата“,
рече Калас додавајќи дека во тој правец ЕУ ги укина економските санкции, но за раст на економијата потребни се и инвестиции и инвеститори, кои ќе имаат доверба во правниот систем и ќе бидат сигурни дека состојбата во земјата е стабилна.
Од тој аспект, министрите донеле одлука да продолжат изградбата на новото политичко партнерство меѓу ЕУ и Сирија.
„Ако не бидеме присутни во Сирија, други, вклучувајќи ја и Русија, ќе го пополнат вакуумот“,
додаде таа.
На состанокот станало збор и за придонесот на ЕУ кон безбедноста и стабилизацијата на Газа и активностите на двете мисии на Унијата за помош на контролата на граничните премини и за обука на палестинската полиција, кои, како што рече Калас, можат да дадат значаен придонес за имплементација на мировниот план. Дополнително се разговарало и за поддршката на палестинската автономна управа за спроведување на реформите и обновата, како и за доставувањето на хуманитарната помош.
Во однос на Либан е оценето дека земјата се наоѓа на критична точка во услови на кревкото примирје, одбивањето на Хезболах да се разоружи и израелските напади кои ризикуваат да ја продлабочат нестабилноста, па оттаму на состанокот на Советот за асоцијација ЕУ-Либан ќе се разговара за билатералните односи, но и за опциите за зајакнување на либанските вооружени и безбедносни сили
Министрите, според Калас, разговарале и за односите со Кина, за која било оценето дека се повеќе ги користи економските врски за остварување на политички придобивки, и се заложиле за подобро да искористување на трговскиот арсенал на ЕУ за зајакнување на отпорноста на Европа.
„Ниту европската земја не може сама да се споредува со Кина. Силата тука е во единството“,
рече високата претставничка на ЕУ.
