Министерката Царовска денеска во Охрид изјави дека оваа година хибридниот модел дал одлични резултати – без застој во наставата, а здравјето на учениците и на наставниците е заштитено
И јас и Владата сакаме училиштата повторно да бидат полни со ученици, и тоа уште утре, но од епидемиолошката состојба и од стручното мислење на Комисијата за заразни болести ќе зависи каква ќе биде наставата од следната учебна година, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Оваа година избраниот хибриден модел на наставата даде одлични резултати, без застој во образованието, а притоа се заштити здравјето на учениците и наставниците како и колективното здравје. Тоа покажа дека образовниот систем може да се справува со вакви потреси“,
изјави Царовска во Охрид, која беше во посета на средните стручни училишта во градот.
Таа додаде дека во моментов нема официјален став за тоа, а кога ќе има тој веднаш ќе биде соопштен во јавноста.

Царовска истакна дека моментално фокус на Министерството за образование и наука е вакцинација на наставниот кадар.
Покрај учителите од прво до трето одделение, имунизацијата продолжува со прва вакцина за преостанатите наставници и професори, како и на одговорните лица за спроведување на матурата. После спроведувањето на матурата, треба да се утврди начинот како ќе се одвива учебната година од септември.
