Вода ќе немаат корисниците, главно од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП Планет во Ѓорче Петров, па преку Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), сѐ до Зелениково и Студеничани
Најавениот прекин на вода во голем број скопски општини ја зголеми побарувачката за вода низ маркетите, пренесува МИА.
Според сликата од терен, што ја пренесе МИА, најмногу се празнат рафтовите каде што стојат тубите со пет литри.
„Како што ги редиме рафтовите со шишиња со вода, така се празнат“,
велат вработените во дел од маркетите.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, најавија дека прекинот на вода ќе биде по 22 часот в петок (20 декември) и ќе трае сѐ до санирање на дефектот.
Вода ќе немаат корисниците главно од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП Планет во Ѓорче Петров, па преку Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), сѐ до Зелениково и Студеничани.
Вода ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, од Пластичарска до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров, после СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.
За санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, ќе биде запрена водата од главниот цевковод ф-1600.
Затворање на водата на главниот градски цевковод се прави еднаш на педесет години, а последно било направено 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска очекува санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, да биде завршена во текот на едно деноноќие. Посочи дека поради интервенцијата на скопски „Водовод“ нема да има потреба од дотур на вода.