И премиерот Зоран Заев и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сцените од Вашингтон ги нарекоа загрижувачки и го осудија насилството
По вчерашните протести во САД и упадот во Капитол Хил од страна на поддржувачите во Доналд Трамп, бројни светски лидери се јавија со реакции и осуди за настаните, а не изостанаа ниту коментарите на државниот и политичкиот врв во Северна Македонија.
Претседателот Стево Пендаровски преку социјалните мрежи порача дека насилството не може да е изговор за поткопување на демократијата.
„Насилството не може да биде изговор за поткопување на демократијата. Однесувањето на поединци нема да ја сруши довербата во институциите. Сочувство и солидарност со американските граѓани“,
напиша Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев преку две објави на Твитер (на македонски и англиски јазик) излезе со осуда за насилството.
„Загрижувачки и вознемирувачки се сликите од Вашингтон синоќа. Насилството мора да биде осудено. Се надеваме и веруваме дека демократијата ќе надвладее. Тоа е единствениот начин да се продолжи напред“,
напиша Заев.

Во сличен стил, на македонски и англиски јазик, реагираше и најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Немирите и насилството, порачаа, не се патот кон поцврста демократија, туку начин на нејзино подривање.
„Информациите од Вашингтон се загрижувачки, но во исто време сме и убедени дека ќе победи демократијата, слободата и правото. Единствено ваквите настани им одат во прилог на оние кои создаваат поделби, не посакуваат единство кај народот, и кои зад завесата на немилите инциденти извлекуваат лична корист. Насилството не е патот кон поцврста демократија“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ, пак, на социјалните мрежи му честиташе на Џо Бајден за тоа што двата дома на Конгресот ја потврдиле победата на изборите и порача дека волјата на народот не може да се негира и покрај моменталните предизвици за демократијата.
Од помалите партии, пак, реагираше Левица со апел до Советот за безбедност на ОН да испрати мировни сили во Вашингтон.