автори: Лидија Пискер и Михаил Милошевски
Шеесет и петгодишниот Мирсад од Зеница не можел ниту да претпостави дека огласот за продажба на гитарата на неговиот син, кој го објавил пред две години на OLX.ba, би можел да му донесе сериозни проблеми. Купувачот што му се јавил преку „Ватсап“ звучел љубезно и заинтересирано, па Мирсад, не сомневајќи се, му го испратил бројот на трансакциската сметка – иако на страницата OLX.ba јасно пишува дека комуникацијата треба да се одвива исклучиво преку самата платформа. Но, кога купувачот побарал и број од банкарска картичка, Мирсад се посомневал дека нешто не е во ред и се обратил во банката, каде што му потврдиле дека станува збор за обид за измама. „Се почувствував понижен кога сфатив дека некој навистина сакал да ме измами“, вели Мирсад.

Неколку стотини километри појужно, во С Македонија, шеесет и деветгодишниот Љубиша од Скопје доживеал уште постресно искуство. За само една ноќ во април годинава од неговата дебитна картичка исчезнале 537 американски долари преку шест неовластени онлајн трансакции поврзани со Фејсбук, за кои се сомнева дека се резултат на фишинг-линк што го отворил претходно. Пораките за потврда му стигнувале преку „Вибер“, но не и безбедносните кодови за одобрување на трансакциите, на кои бил навикнат. Тој пропуст дополнително го вознемирил. Неколку дена подоцна и втората негова картичка станала цел на напад, но овој пат успеал навреме да ја блокира.
И Мирсад и Љубиша навремено реагирале: Мирсад спречил измама, а Љубиша случајот го пријавил во полиција и сè уште чека враќање на парите. Но, она што го доживеале укажува на многу подлабок проблем: дигиталниот простор во кој постарите лица сè почесто стануваат цел на измами, дезинформации и манипулации.
Како Мирсад и Љубиша, и нивните земји делат многу сличности. И економијата на Босна и Херцеговина и на С Македонија се одликува со висока невработеност, ниски просечни приходи и економска несигурност. Двете држави се соочуваат со негативни демографски трендови – низок наталитет и масовно иселување на млади – што дополнително ги оптоварува нивните кревки економии. И политичкиот контекст е сличен: и двете се на патот кон ЕУ, но на тој пат ги кочат внатрешни нестабилности, етнички поделби и длабоко вкоренета корупција.
Во такво опкружување, дигиталната писменост на постарите генерации не се смета за приоритет, па тие остануваат препуштени сами на себе, без институционална поддршка и системски образовни програми. Онлајн просторот, кој треба да служи за информирање, поврзување и олеснување на секојдневието, за многумина станува извор на недоверба и несигурност.
Дигиталниот јаз како заеднички предизвик
Истражувањата покажуваат дека постарите генерации почесто стануваат жртви на онлајн измами и дезинформации на глобално ниво. Тоа е резултат на пониска дигитална писменост, послабо разбирање на современите тактики на измама и поголема доверба во традиционални извори на информации. Во Европската Унија, според податоци од Евростат за 2023 година, само 28 % од лицата на возраст од 65 до 74 години имале барем основни дигитални вештини, во споредба со 70 % кај т.н. „дигитални домородци“ од 16 до 34 години.
Иако постарите лица често се поскептични кон вести на интернет, тие се посклони кон споделување дезинформации – што може да се должи на недостиг од вештини и ограничена изложеност на нови извори на информации. „Една од причините зошто е така е фактот што повозрасните лица се релативно нови на социјалните мрежи и потешко разликуваат спонзорирана или изменета содржина од автентични објави“, наведува хрватската страница medijskapismenost.hr.

Во Босна и Херцеговина само 12 % од постарите лица (65+) изјавиле дека умеат да препознаат дезинформации, во споредба со 29 % од младите. Постарите потешко разликуваат и комерцијални содржини – и во традиционалните и во онлајн медиуми. Исто така, тие повеќе им веруваат на информациите што ги гледаат на телевизија и интернет, но поретко проверуваат факти.
Истражување на Регулаторната агенција за комуникации на БиХ (2021) покажува дека полицијата и потрошувачките здруженија сè почесто апелираат на претпазливост бидејќи бројот на пријавени измами е во пораст.
Во С Македонија истражување на Агенцијата за електронски комуникации (2022) покажа дека речиси половина од населението се плаши од кражба на идентитет, а 16 % признале дека биле жртви на измама. Дури 35,5 % рекле дека биле измамени, а 5,6 % – повеќе од трипати. Од нив, 48,2 % не презеле ништо.
Фишинг-измамите се во пораст – најчесто поради ниската дигитална писменост кај постарите. Министерството за внатрешни работи на С Македонија во 2022 г. регистрирало 135 онлајн измами, 30 % насочени кон лица над 60 години. Во Скопје имало над 50 случаи со лажни електронски адреси и инвестициски шеми. Од 2020 до 2023 година измамите на постари лица пораснале за 60 %.

Еден од најшокантните случаи
Во 2023 година 83-годишна жена добила телефонски повик од непознато лице што се претставило како полицаец – лажно ѝ рекол дека ќерка ѝ прегазила дете и може да избегне затвор ако плати 10 000 евра. Жената во шок ги предала парите. Иако ова не била дигитална измама, шемата е иста: лажно претставување, емоционален притисок и итност.
Едукација и поддршка: ретки, но важни ресурси
Во западноевропски земји постојат многу иницијативи за дигитална писменост на постарите – како ICTSkills4All, SPIDW, SUM. Тие вклучуваат обуки, е-учење и peer-to-peer методи. Целта е да ги оспособат постарите да користат дигитални алатки, јавни сервиси, критички да ги анализираат информациите и да препознаваат пропаганда.
Во БиХ и С Македонија, пак, ваквите програми се ретки и најчесто насочени на младите. Мирсад од Зеница вели: „Мојата генерација е, да речам, лишена од едукација. Некој ќе каже дека е доцна, ама постои онаа народната: Никогаш не е доцна.“
Медија центарот Сараево, преку проектот „Наши медиуми“, им помага на постари лица да развијат критички однос кон интернет содржини. Во февруари годинава новинарот Тахир Жустра одржал медиумска работилница со постари жени во Тузла. Реакциите биле позитивни, а учесничките станале љубопитни.

Во Зеница, здружението „Наш мост“ направи друштвена игра „Човеку, не лути се“ со прашања за дигитална безбедност – играта произлезе од работилници на Лидија Пискер.
Во С Македонија Институтот за комуникациски студии (ИКС) организира работилници за медиуми, новинарство и критичко размислување. Досега учествувале над 350 пензионери во Скопје, Штип, Тетово, Прилеп и Куманово.
Недостиг на стратегиски пристап
И покрај овие примери, и БиХ и С Македонија немаат системска институционална поддршка за дигитална писменост на постарите. Образовните програми се краткотрајни и тешко достапни за руралните средини.
Комуникологот Бојан Кордалов, кој има искуство во едукација на постари лица преку различни невладини програми, истакнува дека комбинацијата од сиромаштија и недостиг на знаење ги прави постарите лица особено ранливи. Иако често се предупредува на дигитални закани, конкретни знаења и алатки за препознавање и заштита се ретко достапни. „Институциите главно реагираат со казни, наместо да се фокусираат на превенција“, вели Кордалов.

Новоформираното Министерство за дигитална трансформација на С Македонија работи на зајакнување на дигиталната безбедност и заштита на граѓаните на интернет. Како одговор на сè поголемите закани, воведена е забрана за нелегални онлајн игри на среќа поради злоупотреба на лични податоци. Националната стратегија за сајбер безбедност (усвоена кон крајот на минатата година) и нацрт-стратегијата за ИКТ посебно ја истакнуваат важноста на информираноста и дигиталната писменост на граѓаните, со фокус на постарите лица како ранлива група.
Севдали Селмани, раководител на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (CIRT) во С Македонија, наведува дека постарите лица најчесто се соочуваат со фишинг-измами (лажни е-пораки и СМС-пораки кои изгледаат како да доаѓаат од банка или пошта), лажни наградни игри, лажна техничка поддршка, како и емоционални манипулации преку лажни романтични профили.
„Постојат и други форми на уцени. Измамниците се претставуваат како потенцијални партнери, а потоа бараат пари. Често се погодени и постари лица кои купуваат онлајн бидејќи нарачуваат производ што никогаш не пристигнува. Последиците можат да бидат сериозни – од изгубени заштеди до длабоко чувство на срам и емоционална повреда“, наведува Селмани.
Овие проблеми не се ограничени само на С Македонија бидејќи слични стапици се користат и во земјите од Западен Балкан, вклучително и Босна и Херцеговина: „Измамниците ги користат системските слабости. Ако една земја спроведе добра кампања и ја подигне свеста, тие брзо се префрлаат на друга. Затоа мораме да дејствуваме заедно – регионално.“

Селмани смета дека клучот е во заедничките напори, односно размена на информации меѓу државните центри за сајбер безбедност, координирана акција против прекугранични криминални мрежи и заедничка едукативна кампања насочена кон постарите лица.
Како позитивен пример, Селмани ја наведува кампањата што неговата институција ја започна пред четири години. Во едно од видеата од кампањата, бабата му објаснува на својот внук како да се заштити од онлајн измами, менувајќи го вообичаеното мислење дека младите подобро ги познаваат новите технологии од постарите лица.
Ова видео покажува дека постарите лица, со соодветна поддршка, можат рамноправно да учествуваат во дигиталното опкружување и да придонесуваат за меѓугенерациска размена на знаење. За да не останат примери само на екран што ретко ги среќаваме во секојдневието, ваквите практики треба систематски да се поттикнуваат.


This story has been produced with the financial assistance of the European Union. The contents of this story are the sole responsibility of team of journalists who produce it and can under no circumstances be regarded as reflecting the position of the European Union.