„Ако до нас дојде иницијатива која е предложена од Владата, најверојатно ќе треба уште еднаш подетално да видиме, но ние се водиме по процедурите што ги имаме. Потоа, ако се изгласа и некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд е надлежен да цени дали Собранието постапило согласно Уставот и законот. Ние не цениме уставност и уредност во процедурата“, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши
Ако Владата достави предлог согласно Деловникот според кој работиме, Собранието ќе го стави во процедура. Ова е одговорот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на прашањето дали би го сметал за уреден потенцијалниот предлог од Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, ако Советот на јавни обвинители претходно даде негативно мислење.
„Прво, јас сум обврзан како претседател на Собранието да работам по Деловник и Закон за Собрание и Устав. Ако до нас дојде иницијатива која е предложена од Владата, најверојатно ќе треба уште еднаш подетално да видиме, но ние се водиме според процедурите што ги имаме. Потоа, ако се изгласа и некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд е надлежен да цени дали Собранието постапило согласно Уставот и законот. Ние не цениме уставност и уредност во процедурата. Ако Владата ни достави уреден предлог кој ги исполнува нашите критериуми за работа во Собранието согласно Деловникот, ние тоа ќе го ставиме во процедура“,
рече Гаши.
Според законот, државниот јавен обвинител може да биде разрешен ако стори тешка дисциплинска повреда или ако е член на политичка партија. Но, законот е недоречен за тоа кој треба да утврди дали сторил тешка дисциплинска повреда.
„Да не прејудицираме. Да видиме како ќе се изјасни Советот на јавни обвинители. Потоа ќе видиме како на ова ќе реагира Владата. Ние како Собрание ќе реагираме само врз основа на Уставот и Деловникот“,
вели претседателот на Собранието.
Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, тоа не значи дека постапката е завршена, изјави изминатиот викенд министерот за правда Игор Филков. При изборот на нов државен обвинител, Владата може да му предложи на Собранието само кандидат за кој претходно Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.